Ден на електрични автомобили со Аутомакедонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ден на електрични автомобили со Аутомакедонија

Компанијата Аутомакедонија организира електричен караван низ Македонија на кој презентира електрични автомобили Tesla, но и електричен автобус од Isuzu!

На краткотрајно дружење имавме три електрични автомобили од Tesla – два примероци од Model 3, како и еден примерок од Model Y. Електричните автомобили на Tesla сè уште се своевидна реткост на нашите простори, но претставниците од Аутомакедонија напоменуваат дека сакаат да ги приближат до македонските купувачи и да ги истакнат нивните можности.

Како и секогаш, електричните автомобили на Tesla нè импресионираат со нивните перформанси – електромоторите нудат неуморно забрзување и супер-тивко уживање во овие автомобили, и се надеваме дека ќе станат сè почести на нашите улици. Забрзувањето е брутално, а перформансите се достапни во било кои услови и при било кои брзини. Само ја притискаме педалата за гас и уживаме во линеарното, моќно и наизглед незапирливо забрзување.

Истовремено, како дел од својата промотивна тура, Аутомакедонија изминативе две седмици го промовира електричниот автобус Isuzu NovoCITI Volt низ Македонија.

Како дел од меѓународната промотивна тура “DEMO TOUR 2022” компанијата Аутомакедонија во текот на изминатите две недели го претстави целосно електричниот автобус – Isuzu NovoCITI Volt и во Македонија. NovoCITI VOLT се возеше на улиците на Струмица, Прилеп, Битола, Тетово, Куманово и Штип, а завршниот настан се случи вчера во Скопје, со презентација на NovoCITI VOLT пред локалните оператори и претставниците на бизнис секторот.

Возејќи се во овие 7 града и 23 населби од нивната непосредна околина, повеќе од 2000 граѓани имаа можност од прва рака да се уверат во можностите кои овој еколошки автобус ги нуди во организирањето на урбаниот транспорт. И ние самите имавме можност да се повозиме во електричниот автобус и да се увериме во неговите можности. NovoCITI Volt е погонуван од батерија со капацитет од 268 kWh вградена во кровот (за да може да се задржи нископодниот карактер на автобусот) и има опсег до 350 километри.

Автобусот е со должина од 8 метри и идеално се снаоѓа во градскиот метеж. Има капацитет од 52, односно 46 патници и може да се нарача со неколку различни батериски модули. Од Аутомакедонија напоменуваат дека NovoCITI Volt доаѓа со гаранција од 8 години, односно 150.000 километри и дека според направените мерења трошокот за возење на електрична енергија е неколкукратно помал од трошокот за возење на конвенционални фосилни горива.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.