Пристигна знаменосецот на Citroën, големиот C5 X! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигна знаменосецот на Citroën, големиот C5 X!

Новиот C5 X на Citroën е вистински кршач на сегменти – комбинацијата од SUV, седан и караван доминира со својата форма и изгледа како да е од сосем друга планета!

Новиот знаменосец на францускиот бренд пристигна во Македонија. Новиот Citroën C5 X од денес е изложен во салонот во Скопје.

Какви се првите впечатоци? На предниот дел едноставно доминираат комплексните форми на предните светла и отворите за воздух.

Профилот е каравански со опаѓачка кровна линија, а на задниот дел примарниот фокус оди кон задните светлосни групи и гордо-поставениот знак на Citroën. Комплексните форми едноставно наметнуваат C5 X да изгледа како да е од сосем друга планета – C5 X ги зема тековните дизајнерски насоки на Citroën и ги „навива до даска“ за да понуди нешто навистина поинакво.

Слично е и во кабината – да, формите ни се веќе познати (ги видовме кај новиот Citroën C4), но тука сѐ е две-три скалила поекстравагантно, полуксузно и покомфорно.

Во кабината едноставно доминираат големите (ама, навистина големите) Citroën Advanced Comfort седишта и дури и на прво седнување можеме да кажеме дека ова се најверојатно најкомфорните  седишта кои во моментов се нудат.

Секако, тука се и врвните технологии – на централната конзола е поставен нов, 12-инчен мултимедијален уред, пред возачот е поставен напреден хед-ап дисплеј во боја кој на ветробранското стакло ги проектира сите потребни информации, а неизбежни се и сите системи за активна и пасивна безбедност.

C5 X се нуди со плаг-ин хибриден погон, или пак со модерен и ефикасен турбо-бензинец. Врвната изведба добива плаг-ин хибриден погон со вкупно 225 коњски сили. Оваа изведба може да вози до 135 километри на час на електрична енергија и има автономија „на струја“ од 50 километри.

Секако, сите верзии на C5 X ја добиваат новата Advanced Comfort суспензија на Citroën, додека плаг-ин хибридните модели ќе добијат уште понапредна, Active верзија на овој систем.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Доколку сепак сакате конвенционален бензинец, тука е 1.2-литарскиот THP со 130 коњски сили, односно 1.6-литарскиот THP со 180 коњски сили. Сите верзии се комбинираат исклучиво со 8-брзински ЕАТ8 автоматски менувач и сите погонски опции ги исполнуваат строгите Еуро 6.3 стандарди за емисија на гасови. Цените на македонскиот пазар започнуваат од 34.490 Евра за основниот бензинец, односно 49.490 Евра за основниот плаг-ин хибрид со 225 коњски сили.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.