ПРЕМИЕРА: Претставен новиот Range Rover Sport! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Претставен новиот Range Rover Sport!

Пред само неколку минути дебитираше новата, трета генерација на Range Rover Sport – а таа носи нов, уште помодерен дизајн, супер-луксузна модерна кабина и нови, ефикасни електрифицирани погони.

Секако, новиот Range Rover Sport влече потекло од новиот Range Rover и ја дели MLA-Flex платформата со поголемиот луксузен SUV. Но сепак, Range Rover Sport добива засебен преден и заден лик, со тенки и дискрени дневни светла и дизајн кој нуди врвно-оптимизирана аеродинамика (барем кога станува збор за SUV). Коефициентот на отпор на воздухот е само 0.29 Cd. На дизајнот доминираат чисти и јасни површини, со извајани дизајнерски детали – на предниот дел вниманието највеќе оди кон тенките предни светлосни групи, додека на задниот дел вниманието го привлекуваат светлосните елементи и црниот панел меѓу нив каде гордо стои името Range Rover.

Благодарение на платформата, новиот Sport ги добива истите врвни теренски технологии кои ги има и големиот Range Rover, а достапни се и нови погонски опции. Лепезата на мотори кои ќе се нудат на европскиот пазар вклучува турбо-бензинци, лајт-хибриди, плаг-ин хибриди и модерни турбодизел опции.

Понудата започнува лајт-хибриден 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија. Оваа конфигурација нуди 400 коњски сили и 550 Nm вртежен момент, и ја носи ознаката P400.

Скалило над него е P440e со плаг-ин хибридна изведба на 3-литарскиот турбо-бензинец. Оваа конфигурација испорачува вкупно 440 коњски сили и 839 Nm вртежен момент, а според Range Rover оваа верзија ќе може да помине до 114 километри (според WLTP, односно 88 км според Range Rover) на струја благодарение на електромоторот со моќност од 142 коњски сили и батеријата со капацитет од 31.8 kWh. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за импресивни 5.5 секунди. Тука е и P510 варијантата со 510 коњски сили и 700 Nm вртежен момент.

На самиот врв е новиот P530 кој користи твин-турбо V8 кој испорачува (погодувате) 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Врвниот Sport забрзува до 100 километри на час за 4.3 секунди.

За оние кои ќе одберат турбодизел, тука се D300 и D350. Обете верзии користат 3-литарски турбодизел со шест цилиндри во линија кој испорачува 300, односно 350 коњски сили и 650 односно 700 Nm вртежен момент. Основниот дизел забрзува до 100 километри на час за 6.3 секунди, додека на помоќниот му требаат 5.6 секунди.,

Без разлика која погонска опција ќе ја одберете, ќе добиете 8-брзински автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Range Rover најавува дека целосно-електрична варијанта на новиот Sport ќе пристигне во 2024.

Секако, кабината го добива најновиот Pivi Pro мултимедијален систем (кој е сличен на оној кај новиот Range Rover), но во дискретно редизајнирана конфигурација. Пред возачот е поставен голем 13.7-инчен Interactive Driver Display, додека на централната конзола е 13.1-инчниот екран наменет за Pivi Pro. Секако, системот доаѓа со Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а тука се и Meridian премиум аудио уредот со 29 звучници и многу, многу повеќе.

Со новиот Sport, Range Rover одново ја дефинира класата на супер-луксузни, супер-аристократски теренски возила. Моделите на Range Rover секогаш се наметнувале со нивниот британски пристап кон нештата – и новиот Sport гордо ја продолжува традицијата. Нарачките за новиот Range Rover Sport се веќе отворени!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.