Ford E-Transit Custom e електричниот наследник на најпродаваното комбе во Европа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford E-Transit Custom e електричниот наследник на најпродаваното комбе во Европа!

Стратегијата за електрификација на Ford зема сè поголем замав, а следниот електричен модел е токму наследникот на најпродаваното комбе во Европа!

Со објавувањето на првите детали за E-Transit Custom, Ford ја следи својата стратегија за електрификација. Новото комерцијално возило наметнува поинаков пристап во сегментот и конвенционалниот, супер-функционален дизајн на комерцијалните возила го заменува со нешто навистина поинакво и попривлечно. Да – ова е комерцијално возило, но дизајнот е помазен, пофутуристички и навистина попривлечен.

Сега за сега, Ford не објавува детали околу перформансите на E-Transit Custom, но дознаваме дека комбето е поставено на „електрична платформа за која не се направени никакви компромиси“, а дополнително е потврдено дека автономијата би требало да биде до 380 километри.

Интересен детал е можноста за брзо полнење, како и ProPower Onboard технологиите кои за прв пат дебитираа кај огромниот електричен F-150 Lightning (кој е наменет за американскиот пазар, и кој за жал нема да го видиме во Европа). Овие технологии овозможуваат E-Transit Custom да се користи како генератор за напојување на осветлување, алат, разно-разна опрема и слично –  а токму оваа функционалност експоненцијално ја зголемува корисноста на ваквите возила. Зошто да влечкате голем и тежок генератор кој најверојатно би работел на дизел, кога самото возило може да го напојува вашиот алат?

Целосната спецификација на E-Transit Custom ќе биде објавена во Септември. Производството ќе започне во втората половина од следната година, а E-Transit Custom ќе се произведува во Турција.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.