Новата GR Corolla напаѓа со рели-инспирирани технологии, многу моќ и многу, многу забава зад управувачот!
Во Европа, Corolla во хечбек изведба може да се добие со 1.2-литарски турбо-бензинец, 1.8-литарски хибрид или 2-литарски хибрид. За жал, немаме потврда (барем сега засега) дека GR Corolla воопшто ќе пристигне во Европа, но ете, можеме да се надеваме…
GR Corolla го носи истиот 1.6-литарски турбо-бензинец со 3 цилиндри кој се вградува во GR Yaris, но (како што точно шпекулиравме вчера) во оваа конфигурација испорачува 300 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Силата се пренесува преку мануелен менувач кон сите четири тркала преку GR-FOUR системот, а возачот може да одлучи како да ја прераспореди силата – 60:40, 50:50 или 30:70 кон предните или задните тркала.
Трансформацијата продолжува со алуминиумска хауба и алуминиумски предни врати, а тоа помага колку-толку да се намали тежината на спортскиот хечбек. Според официјалните податоци, GR Corolla тежи само 85.7 килограми повеќе од стандардната Corolla. Дополнително, шасијата е засилена со „значително повеќе“ точки на заварување, како и дополнителни лепила за да се подобри структурната ригидност. Суспензијата доработена и добива специјални амортизери и пружини, како и надградени стабилизатори. Задната мултилинк суспензија е преработена за да може да се вгради AWD системот, а може да се нарачаат и преден и заден диференцијал со ограничено пролизгување.
Позади 18-инчните тркала обвиени во Michelin Pilot Sport 4 пневматици се кријат моќни сопирачки – предните дискови се со дијаметар од 365 милиметри, додека задните се со дијаметар од 297 милиметри.
GR Corolla ќе ја препознаете по агресивниот бодикит со големи отвори за воздух, проширените крила, агресивниот заден спојлер и несекојдневно-изведениот завршеток на издувниот систем. Сè на сè – изгледа навистина агресивно и спортски – и ветува дека ќе биде еден од најдобрите автомобили во класата.
Само да се надеваме дека ќе пристигне и во Европа!