Сакате баварско купе со скоро 500 коњски сили и четири врати, а BMW не сака да го направи за вас? Затоа е тука Alpina!
Alpina од неодамна е целосно дел од BMW, а првиот модел кој дебитира по официјализирањето на трансформацијата на тјунерот е токму новиот B4. Новиот Alpina B4 е базиран на Серијата 4 Gran Coupe (ознаката на BMW за купе со четири врати), но со екстензивни доработки за да ја заслужи таа престижна значка.
Под поклопецот се наоѓа 3-литарскиот твин-турбо бензинец сошест цилиндри во линија кој сега е доработен да испорачува 495 коњски сили и 730 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува преку 8-брзински ZF менувач, а се дистрибуира кон сите четири тркала преку надграден xDrive систем. Интересно, B4 е 33 коњски сили и 30 Nm помоќен од B3 седанот кој го користи истиот мотор – но и помоќен од M3 кој има 480 коњски сили и 550 Nm вртежен момент.
Комбинацијата од импресивна моќност и врвна тракција благодарение на xDrive системот му овозможува на B4 да забрза до 100 километри за 3.7 секунди (сепак не е побрз од M3, кому му требаат 3.5 секунди) и да продолжи да забрзува сè до 301 километар на час (додека M3 е ограничен на 250 километри на час).
Дополнително е доработена и суспензијата бидејќи Alpina сака да комбинира перформанси и врвен луксуз – па B4 добива адаптивни амортизери и Pirelli P Zero пневматици. Секако, тука се и многуте Alpina детали – како на екстериерот, така и во кабината.
Според најавеното, Alpina B4 веќе може да се нарача, а првите примероци ќе бидат испорачани ова лето.