ПРЕМИЕРА: Audi A6 Avant e-tron Concept е најава за супер-секси електричен караван! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi A6 Avant e-tron Concept е најава за супер-секси електричен караван!

Новиот концепт на Audi е блиску до серискиот модел кој треба да пристигне на пазарот во 2024!

Да бидеме искрени – дизајнерите на Audi секогаш знаеле да направат секси караван. На предниот дел доминираат големата „маска“ и тенките LED предни светла, но вистинскиот став на A6 Avant e-tron Concept стапува на сцена кога ќе го погледнеме профилот. Големиот караван е долг скоро 5 метри, широк скоро два метри и висок околу 1.4 метри – а тоа наметнува низок и динамичен став. Задниот дел е особено интересен, со комплексни форми и едноделен светлосен елемент кој изгледа навистина супер-футуристички, а на задниот браник доминираат огромните дифузери. Секако, многу внимание е посветено на аеродинамиката – големиот електричен караван има коефициент на отпор на воздухот од само 0.24 Cd.

Сега за сега не знаеме како изгледа ентериерот, но сигурни сме дека со оглед на тоа дека сепак се работи за караван, серискиот модел ќе понуди врвна просторност и исклучителна практичност – како и многу, многу луксуз и комфор.

Но затоа имаме информации околу погонот. Концептот е поставен на PPE (Premium Platform Electric) платформата и носи батерија со капацитет од 100 kWh. Според Audi, дури и основните модели ќе можат да постигнат 100 километри за помалку од 7 секунди, додека врвните изведби ќе достигнуваат до 100 километри на час за „значително помалку од 4 секунди“. Дополнително, технологиите за брзо полнење дозволуваат полнеќе со моќност од 270 kW и со пристап до доволно брз полнач, 80% наполнетост би се постигнувале за помалку од 25 минути. Автономијата (според WLTP стандардните) би требало да биде повеќе од 700 километри.

Во нашите очи, A6 Avant e-tron изгледа навистина спектакуларно – и бидејќи Audi најавува дека концептот е блиску до серискиот модел, ќе признаеме дека сме возбудени и дека со нетрпение очекуваме да го видиме!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi го освежи A3 и го претстави и робустниот A3 Allstreet

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.