AC Schnitzer подготви тјунинг третман за BMW M4 Convertible – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

AC Schnitzer подготви тјунинг третман за BMW M4 Convertible

Германскиот тјунер ја прошири својата гама на модифицирани BMW M модели со додавањето на BMW M4 Convertible.

Спортскиот автомобил со две врати и покрив на собирање ги добива визуелните измени од неговите купе и седан изведби, заедно со зголемување на силата и подобрување на перформансите.

Започнувајќи од надворешноста, AC Schnitzer M4 Convertible добива поизразен преден сплитер, аеродинамички крилца, и карбонски украси на поклопецот на моторот. Автомобилот е поставен на 20-инчни AC3 фелни, а во понуда е и потрадиционалниот петокрак AC1 дизајн.

Купувачите ќе можат да одберат и AC Schnitzer налепници за каросеријата, заедно со заштитна фолија за карбонските странични прагови и отвори за воздух.

На задниот дел тјунинг компанијата нуди карбонски лип спојлер и фиксен заден спојлер за купе изведбата, што во теорија значи дека ќе бидат компатибилни и кај кабриолет верзијата. Последните измени на екстериерот се однесуваат на изменетиот дифузер со четирите интегрирани издувни цевки.

Опциите за ентериерот вклучуваат алуминиумски педали, лопатки за менување на степени, поклопец за i-Drive контролерот, како и држач за клучеви.

Што се однесува до перформансите, AC Schnitzer нуди нов сет на пружини кои го приближуваат автомобилот кон подлогата за 25-30 милиметри на предната и 20-25 милиметри на задната оска. Постои и опција за RS прилагодлива суспензија со прилагодувања на висината, затегањето и обивањето.

Неговиот 3.0-литарски шест-цилиндарски агрегат може да се засили на 610 кс и 750 Nm вртежен момент, благодарение на модификации во компјутерската единица и нов издувен систем. За споредба, стандардниот M4 Convertible произведува 510 кс и 650 Nm вртежен момент кај изведбата Competition.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.