По премиерата на новите BMW M3 и M4 – сега го гледаме и M4 Convertible кој има 510 коњски сили и стандардно доаѓа со xDrive!
Како и „обичниот“ M4, и кабриолетот користи 3-литарски шест-цилиндерски твин-турбо бензинец кој испорачува 510 коњски сили 650 Nm вртежен момент. Силата преку 8-брзински автоматски менувач ја пренесува кон специјално нагоден xDrive погон кој ги преферира задните тркала.
Благодарение на моќниот мотор и xDrive системот за погон на сите четири тркала, моќниот кабриолет забрзува до 100 километри на час за 3.7 секунди и постигнува максимални 250 километри на час, односно 280 километри на час доколку го нарачате M Driver’s Пакетот.
Инаку, M4 Convertible добива и нов мек покрив, специјално развиен токму за него. Новиот кров е дури 40% полесен од цврстиот кој се вградуваше кај минатата генерација, а со тоа се намалува тежината на автомобилнот, но и тежиштето е пониско. Кровот може да се добие во две бои, а со спуштен кров во багажникот имате респектабилни 255 литри багажен простор. Моќниот кабриолет добива и структурни зацврстувања за да се компензира „сечењето“ на кровот, а кровот може да се отвори за 18 секунди, и тоа при брзини до 50 километри на час.
За уживање „под отворено небо“ во сите услови, М4 Convertible стандардно ќе доаѓа со греење на седиштата, а тука се и сите можни модерни системи за асистенција и безбедност кои BMW ги нуди. Одличен начин да се ужива во звукот на M4 во сите можни ситуации, нели?