full screen background image
Search

Големиот Jeep Grand Cherokee пристигнува во Европа во плаг-ин хибридна изведба

Најновата генерација на Grand Cherokee ја имаше и својата европска премиера – а на стариот континент ќе пристигне исклучиво во плаг-ин хибридна форма.

Веќе ги знаеме спецификациите – плаг-ин хибридниот погон на Jeep Grand Cherokee испорачува моќни 380 коњски сили и 637 Nm вртежен момент. Погонот комбинира 2-литарски турбо-бензинец, два електромотори, 8-брзински автоматски менувач и батерија со прилично голем капацитет од 17 kWh. Сето ова значи дека според WLTP мерењата, во урбани услови големиот Grand Cherokee ќе може да помине до 50-тина километри на електрична енергија.

Инаку, Grand Cherokee ги добива сите нови и способни 4×4 технологии на Jeep – Quadra-Drive II 4×4 системот, Selec-Terrain системот за одбирање на режими (кој нуди Auto, Snow, Sand/Mud, Rock и Sport режими), како и Quadra-Lift воздушна суспензија.

Воедно, Jeep најави дека Grand Cherokee ќе добие специјална Exclusive Launch Edition изведба со многу опрема и опции – 21-инчни тркала, Full-LED осветлување, црн кров, платинести детали, Palermo кожа и дрво во кабината, 10-инчни дигитални инструменти, 10-инчен инфозабавен систем плус дополнителен 10.25-инчен екран за сопатникот, супер-комфорни седишта со масажа, греење и ладење, премиум McIntosh аудио уред со 19 звучници и многу, многу повеќе..

Резервациите се веќе отворени, а Grand Cherokee 4xe Exclusive Launch Edition ќе биде достапен само на одредени пазари. Официјалната продажба се очекува да започне во текот на следните неколку месеци.

Новиот, плаг-ин хибриден Grand Cherokee се приклучува на гама на возила која е веќе целосно електрифицирана – Jeep нуди плаг-ин хибридни верзии од Renegade, Compass и Wrangler (кои неодамна пристигнаа и кај нас), а пред само две седмици најави електрифицирани верзии на Renegade и Compass со самополнечки хибриден систем.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.