ПРЕМИЕРА: 3.9-литарски V12 кој вреска до 11.100 вртежи во минута – претставен GMA T.33! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: 3.9-литарски V12 кој вреска до 11.100 вртежи во минута – претставен GMA T.33!

Човекот кој стои зад иконскиот McLaren F1 го претстави својот втор нов автомобил – новиот T.33 кој дели многу компоненти со лудиот T.50!

Gordon Murray и неговата компанија GMA (Gordon Murray Automotive) го претставија новиот T.33. Новиот автомобил ја дели платформата со Т.50 (оној лудиот модел со вентилатор во задниот дел), но е нијанса поцивилизиран и замислен е да биде (супер-ексклузивен) супер-автомобил кој ќе можете секојдневно да го возите. Секако, дел од таа приказна е и 3.9-литарскиот атмосферски V12 (развиен од Cosworth) кој „врти“ до 11.100 вртежи во минута и испорачува 615 коњски сили и 451 Nm вртежен момент.

Но што е навистина импресивно? Податокот дека Т.33 тежи помалку од 1100 килограми. Сега за сега немаме никакви информации околу перформансите – но да бидеме искрени, навистина не очекуваме на Т.33 да му недостига нешто во тој оддел. Ќе бидат произведени само 100 примероци (по варијанта, а Gordon Murray најави дека ќе бидат понудени вкупно три варијанти од T.33) и секој примерок ќе чини од околу 1.55 милиони Евра.

Т.33 ќе може да се нарача со мануелен или автоматски менувач. Интересна информација пристигна токму од Gordon Murray кој изјави дека од околу 100-тина нарачани примероци досега, само два се со автоматски менувач. Save the manuals!

Инаку, дизајнот навистина ни се допаѓа – во време кога конкуренцијата прави сè поагресивни и поагресивни дизајни, со многу (непотребни) детали, дизајнот на Т.33 е изненадувачки чист и… Убав! Нема непотребни детали, непотребни отвори за воздух, крилца-милца и слични глупости. Дури го нема и (во нашите очи, грдиот) вентилатор кој е поставен на задниот дел на Т.50.

Слична е приказната и во кабината – нема непотребни елементи и детали. Нема огромни екрани (ниту пак непотребни прекинувачи) – сè е поставено околу возачот, а главната цел е да се понуди врвно уживање во возењето. Секако, ќе добиете модерни функционалности како Apple Carplay и Android Auto – но главниот акцент не е даден на нив. Како што и треба да биде во еден ваков автомобил.

Пристапот на Gordon Murray секогаш бил дека возачкото искуство треба да биде пред сè – и успеал со T.33, нели? Него.. Некој да не има 1.55 милиони Евра?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.