ПРЕМИЕРА: Креаторот на McLaren F1 го претстави духовниот наследник на овој легендарен супер-автомобил – ова е Gordon Murray T.50! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Креаторот на McLaren F1 го претстави духовниот наследник на овој легендарен супер-автомобил – ова е Gordon Murray T.50!

Gordon Murray е човекот кој е заслужен за легендарниот McLaren F1 – и денес го претстави автомобилот кој е своевиден духовен наследник токму на легендарниот F1!

Т.50 е тотално луд автомобил. Тотално луд! Ајде прво за дизајнот – кој е обликуван да биде што е можно поаеродинамичен. Подзатворете ги очите и ќе препознаете детали кои наликуваат на F1, но од некои агли препознаваме детали кои нè асоцираат на Porsche 918 Spyder и Pagani Huayra – но сигурни сме дека сличностите се сосем случајни, сепак тука се зборува за Gordon Murray.

Добиваме врати кои се отвораат нанапред и нагоре, стаклен кров и тој вентилатор на задниот дел. А вентилаторот? Секоја сличност со некаков бетмобил е повторно сосем случајна – според Gordon Murray Automotive, вентилаторот успева да го намали отпорот на воздух за цели 12.5% и „додава“ околу 50 коњски сили. Дополнително, вентилаторот успева да ја намали должината на сопирањето кога е потребно.

Компонентите за активна аеродинамика – задните спојлери и панелите под автомобилот – работат во шест режими – Auto, High Downforce, Streamline, Braking, Test и V-Max. V-Max режимот е наменет за максимални перформанси и во тие услови автомобилот располага со вкупно околу 700 коњски сили на кратки интервали. А задолжен за задвижување на T.50 е спектакуларен 3.9-литарски атмосферски V12 развиен од Cosworth кој врти до 12.100 вртежи во минута и испорачува 663 коњски сили и 467 Nm вртежен момент. Официјалните бројки за забрзување и максимална брзина не се објавени, но од Gordon Murray Automotive кажуваат дека „не бркаат максимална моќност ниту пак некакви бројки“. Храбро.

Инаку, во кабината се седи централно – повторно, иско како кај McLaren F1. Централната возачка позиција нуди навистина посебно искуство, а истовремено добивате идеална дистрибуција на тежината. А кога сме кај тежината – T.50 тежи само 987 килограми – и тоа со сите течности! Менувачот тежи само 80.5 килограми, монокок шасијата тежи само 150 килограми и многу, многу внимание е посветено на деталите. Автомобилот е поставен на 19 и 20 инчни тркала, кои се обвиени во Michelin Pilot Sport 4 S пневматици, а зад тркалата се кријат сопирачки со високи перформанси и 370-милметарски дискови на предната, односно 340-милиметарски дискови на задната оска.

И колку ќе чини сето ова? Па, ќе добиете специјална сесија за прилагодување на автомобилот токму кон вашите желби и димензии, а сето тоа ќе чини од 2.62 милиони Евра. Ќе бидат произведени само 100 примероци.

Gordon Murray гордо кажува дека „Само 100 купувачи ќе ја споделат мојата визија за автомобил развиен да ја подобри формулата на McLaren F1 на секој начин. По 30 години иновации, сега е вистинското време да се дизајнира најдобриот, аналоген возачки автомобил. Ниту една друга компанија не може да го испорача она кое ќе го понудиме ние во 2022, а произведувањето на овој британски супер-автомобил ќе биде мојот најгорд момент.“

Побрзајте, нарачајте!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.