GRMN Yaris е уште поекстремен GR Yaris – но само за Јапонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

GRMN Yaris е уште поекстремен GR Yaris – но само за Јапонија

Екстремниот GRMN Yaris добива зголемена моќност, надградени диференцијали, намалена тежина и многу други модификации – но ќе се нуди само на домашниот, јапонски пазар.

Toyota го претстави GRMN Yaris – поекстремна верзија на веќе екстремниот GR Yaris која ќе биде произведена во само 500 примероци и ќе се нуди само на јапонскиот пазар. GRMN Yaris ќе биде достапен со Circuit или Rally пакет.

GRMN Yaris добива шест-степен мануелен менувач со ревидирани односи на брзините, задните седишта се извадени, а добива и карбонски поклопец на моторот. Кабината добива и нови Recaro спортски седишта, а со уште подетално заварување, GRMN Yaris е уште поцврст од GR Yaris – тоа влијае на управливоста.

Моторот е преработен да испорачува 270 коњски сили и 390 Nm вртежен момент, а силата ја испорачува кон сите четири тркала преку механички диференцијали со ограничено пролизгување поставени на предната и на задната оска („обичниот“ GR Yaris добива Torsen диференцијали).

Доколку го одберете Circuit пакетот ќе добиете 18-инчни BBS тркала, поголеми сопирачки, нови Bilstein амортизери, карбонски заден спојлер, пошироки прагови и нов преден додаток на браникот. Оваа верзија е 20 килограми полесна од стандардниот GR Yaris.

Доколку го одберете Rally пакетот, ќе добиете нови амортизери и стабилизатори, заштитни панели под автомобилот и рол бар наменет да ве заштити во случај на незгода. Оваа верзија е 30 килограми полесна од стандардниот GR Yaris.

Заинтересирани за GRMN Yaris? За жал ќе се нуди само на домашниот, јапонски пазар а Toyota ќе организира лотарија за да ги извлече потенцијалните купувачи.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.