ТЕСТ: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Premium – Нешто поинакво од Кореја доаѓа. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Premium – Нешто поинакво од Кореја доаѓа.

SUV моделите на Hyundai се наметнаа како привлечни, моќни и популарни – но што се случува во сегментот кој многумина кажуваат дека е на последни нозе? Што може да понуди Hyundai со новата Sonata?

Ако постои автомобил во понудата на Hyundai кој оди спротивно на тековните трендови, тоа најверојатно би била токму новата Sonata. Едноставно – купувачите сè почесто одбираат SUV, а конвенционалните седани остануваат заборавени „таму некаде“ и како да не се интересни. А интересни се – верувајте. Имајќи го тоа предвид, ајде да зборуваме за новата Sonata.

Sonata e нетипичен автомобил за Европа. Од една страна имаме дизајн кој како да отскокнува од европските трендови (и не само интерните трендови на Hyundai), а од друга имаме погон кој (барем на хартија) би требало да е целосно неинтересен за купувачите во овој сегмент. Но… Дали е тоа така?

Sonata изгледа поинаку.

Ајде прво за дизајнот. Неизбежен е фактот дека Sonata изгледа… Поинаку. Да, според традиционалните дефиниции Sonata е седан – но формата е далеку покупеовска и пофлуидна. На предниот дел вниманието оди кон широката предна маска и предните светлосни групи со несекојдневна, храбра форма. Хромираните елементи истакнуваат дека Hyundai цели кон попремиум сегментите, а дневните светла се претопуваат во хромираниот елемент кој оди околу страничните стакла.

Како што рековме, профилот е купеовски, а тоа доаѓа особено до израз кога ќе го погледнеме задниот дел. Страниците се драматични благодарение на острите, прекршени линии, истакнатите прагови и големите тркала. Задниот, едноделен светлосен елемент е супер-трендовски и футуристички, а на поклопецот од багажниот простор е поставен дискретен спојлер кој дополнително ја истакнува динамичноста.

Сè на сè – Sonata изгледа несекојдневно. Успешно им контрира на трендовите и наметнува дизајнерски решенија кои можеби нема да бидат по сечиј вкус, но дефинитивно се различни и ќе ги наградат оние храбрите. Реакциите кај минувачите беа различни – на некои не им се допадна, некои па беа навистина импресионирани.

Седејќи во кабината на Sonata, сфаќаме дека главниот фокус е посветен на комфорот.

Одиме внатре. Тука веќе работите ни се значително попознати. Препознаваме дизајнерски елементи и решенија кои веќе добро ги познаваме од Tucson, но тука се во една поелегантна атмосфера. Ах, убавините на еден седан. Се сместуваме во ниското и комфорно седиште, а пред нас се дигиталните инструменти, како и големиот мултимедијален екран на централната конзола.

Под мултимедијалниот уред се поставени контролите за клима уредот, а на самата конзола се поставени копчињата за контрола на автоматскиот менувач. Околу предните седишта има многу места за одлагање дребулии, а возачката позиција е комфорна и прегледна. Немаме никакви забелешки ниту на ергономијата – сите команди се логични и онаму каде очекувате да бидат.

Всушност, седејќи во кабината на Sonata, сфаќаме дека главниот фокус е посветен на комфорот. Дарежливата просторна понуда во комбинација со леснотијата на користење и богатата опрема придонесуваат Sonata да биде привлечен автомобил токму ради комфорот. Квалитетот на материјалите е повеќе од добар – дури би рекле дека Sonata може да се спореди и со некои од германските конкуренти.

Плус, навистина немаме забелешка на опременоста – тука се оние стандардни работи кои ги очекуваме, но и практичните детали како безжичното полнење на мобилен телефон, Android Auto и Apple CarPlay поврзување, но и греењето предните и задните седишта, a и премиум елементи како Bose аудио уредот.

Кога сме кај задните седишта – и тука има многу места за одлагање ситници како и повеќе од доволно простор за нозете и главите на патниците. За пофалба е и багажниот простор – да, попрактично би било да имаме петта врата наместо отвор на конвенционален седан, но на располагање имаме 510 литри. Вратата од багажникот ќе ја отворите преку скриеното копче во логото на Hyundai, или пак ако едноставно застанете до неа неколку секунди со клучот в џеб.

2.5-литарски бензинец со 180 коњски сили

На нашиот пазар, Sonata се нуди со 2.5-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри кој испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 232 Nm вртежен момент од 4000 вртежи во минута.

На хартија, овој мотор звучи малку нелогично – но ќе признаеме дека успеа да нè изненади. Силата ја пренесува кон предните тркала преку автоматски менувач и овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.2 секунди, како и максимална брзина од 210 километри на час – и сето тоа успева да го постигне со потрошувачка од околу 9 литри бензин на 100 километри во градски услови, односно под 7 литри на отворено. Во нормален режим, Sonata се однесува опуштено и наметнува соодветен стил на возење. Префрлете во Sport и работите стануваат нијанса подинамични, но повторно – главниот акцент е даден на комфорот.

По нашите улици, Sonata сосем компетентно успева да ги надвладее несовршеностите на асфалтот. Единствено, ситни, остри рабови успеваат да пренесат вибрации во кабината – но инаку е импресивно комфорно и тивко. Кога ја насочивме Sonata кон попредизвикувачки свиоци ги препознавме талентите на одличната шасија и ќе напоменеме дека нема пренагласена наклонетост кон подуправување – но Sonata е во вистинско светло кога ќе ѝ се пристапи порационално и ќе се искористат нејзините вистински таленти. А по многуте извозени разно-разни SUV и кросовер модели, прекрасно е да се потсетиме како е да се седне во добар, добро-размислен седан.

Различноста на Sonata ја прави интересна!

Да, Sonata е поинаква. Дизајнот е поинаков, погонот е поинаков. Но во нашите очи токму тоа ја прави интересна. Оние кои ќе ѝ дадат шанса ќе откријат автомобил кој цели високо над неговиот сегмент и нуди вистинска алтернатива меѓу конкурентите. Нешто поинакво од Кореја доаѓа – а поинаквото е интересно!

Спецификации

Модел: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Premium
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 232 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.2 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4900 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1417 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2840 mm
Багажен Простор: 510 литри
Потрошувачка: 9.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Comfort – 33.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS 180 Premium – 39.200 Евра
Повеќе Информации: Hyundai-mk.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.