ПРЕМИЕРА: Audi го претстави освежениот знаменосец A8 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави освежениот знаменосец A8

Освежениот Audi A8 добива козметички измени, нов S Line пакет, но и грст нови технологии.

На предниот дел препознаваме целосно нова решетка, која во зависност дали е А8, А8L или S8 добива различен дизајн, а редизајнираниот преден браник добива поголеми отвори за воздух. Изменети се и предните светла, кои сега се поостри и нијанса поагресивни. Кога сме веќе кај предните светла – тие ја користат најновата генерација на Digital Matrix LED технологија со 1.3 милиони микро-огледала по фар.

Профилот не е изменет, а на задниот дел препознаваме дискретно редизајниран заден браник, како и нови задни светла со OLED технологија. Достапни се и нови металик и мат бои, како и нови тркала со димензии од 18 до 21 инч. За оние кои сакаат да бидат позабележливи, достапен е нов Chrome пакет за екстериерот, а за оние кои сакаат нијанса подинамичен лик тука е новиот S Line пакет (кој за прв пат се нуди кај А8).

Секако, врвниот спортски S8 добива подинамични браници, поагресивен заден дифузер и четири завршетоци на издувниот систем, како и специјални тркала и многу други модификации.

Кабината добива освежена дигитална инструмент-табла со 10.1-инчен дисплеј, како и 8.3-инчен централен дисплеј за најновиот MIB3 мултимедијален уред. Патниците на задната клупа добиваат нови, 10.1-инчни екрани со висока резолуција, но и Matrix LED осветлување во кабината наменето за читање, како и премиум аудио уред од Bang & Olufsen и многу, многу повеќе. A8 добива до 40 различни системи за асистенција во возењето, како и нов, уште понапреден систем за полу-автономно возење.

Поврзано:   Големиот Audi Q7 доби уште едно освежување

Во однос на погонските единици, врвниот Audi ќе се нуди со нколку различни бензинци, како и еден турбодизел. А8 55 TFSI користи 3-литарски бензинец со 340 коњски сили, додека помоќниот 60 TFSI quattro користи 4-литарски V8 со 460 коњски сили. Врвниот S8 користи битурбо V8 кој кон сите четири тркала испорачува 571 коњска сила и 800 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат катапултирање до 100 километри на час за 3.8 секунди.

За оние кои сакаат турбодизел, тука е Audi A8 50 TDI со 286 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Секако, сите мотори ќе се нудат исклучиво во комбинација со 8-брзински автоматски менувач, а сите бензинци доаѓаат со 48-волтен лајт-хибриден систем. Веќе е најавен и плаг-ин хибриден погон кој ќе биде претставен наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.