BMW смета дека електрична автономија од 600 километри е доволна – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW смета дека електрична автономија од 600 километри е доволна

Баварскиот производител најави дека не планира да произведува електрични возила кои ќе можат да поминат повеќе од 600 километри со едно полнење.

Во интервју за австралискиот Which Car, одговорниот за i4 проектот во BMW – David Ferrufino – изјави дека благодарение на сè подобрата инфраструктура ширум светот, BMW не мора да прави електрични автомобили со исклучително голема автономија.

„Илјада километри не е таргет кој ние го имаме за нашите целосно-електрични автомобили. Целиме кон автономија од 600 километри и 100 километри за плаг-ин хибридните автомобили за секојдневно возење.“ – изјави Ferrufino. Дополнително, тој напомена дека автономијата е зависна од сегментот во кој автомобилот припаѓа – „На пример, не сметаме дека 600 километри се соодветни за BMW i3, како урбан автомобил. Но за BMW iX или пак за i4, сметаме дека 600 километри е многу добро решение.“

Според Ferrufino, сè поразвиената инфраструктура го олеснува ова – „Не правиме само напредок во батериите, туку ја имаме и јавната инфраструктура – која рапидно расте. Возење низ Европа, од Норвешка до Италија веќе е пријатно искуство во електричен автомобил.“

На ова ќе додадеме дека размислувањето на BMW е сосем логично. Ако се избегне „бркањето“ сè поголема автономија на електрична енергија, тогаш придобивките се повеќекратни – од една страна, бидејќи не се потребни толку многу батерии, автомобилите ќе бидат полесни и побрзо ќе се полнат. Мрежата е далеку од сеприсутна, но наскоро ќе има сè повеќе полначи, а со соодветно брзи полначи, новите модерни електрични автомобили се полнат за околу половина час.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.