Alfa Romeo Giulia и Stelvio добија специални „6C Villa d’Este“ верзии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alfa Romeo Giulia и Stelvio добија специални „6C Villa d’Este“ верзии

Италијанскиот бренд лансираше специјални верзии од Giulia и Stelvio, именувани по ограничената серија на историскиот модел 6C 2500 SS Coupe, кој победи на Concorso d’Eleganza di Villa d’Este во 1949.

И двата модели добиваат специјална трослојна Etna Red боја на каросеријата, инспирирана од бојата на 6C 2500 SS, во комбинација со хромирани рамки на страничните прозори.

Верзијата на Stelvio е опремена со 21-инчни алуминиумски тркала во класичен Alfa Romeo дизајн, додека кај Giulia се поставени нијанса посекојдневни 18-инчни фелни со пет двојни краци.

Во ентериерот можат да се сретнат „6C Villa d’Este“ амблеми опшиени на предните потпирачи за глава и на инструмент таблата од десната страна.

Тие се опремени со електрично прилагодливи седита со греење, со премиум кожни тапацири во светла беж боја, алуминиумски лопатки на воланот, системи за асистирање на возачот од второ ниво, камера за назад, паркинг сензори, подлога за безжично полнење, како и автоматско отварање на багажникот.

Новата Giulia „6C Villa d’Este“ може да биде нарачана со 2.2-литарскиот турбодизел агрегат, кој произведува 190 кс или 2.0-литарскиот турбо-бензински мотор, кој испорачува 200 кс. И во двата случаи, силата се испорачува кон задните тркала преку осум-степен автоматски менувач.

Што се однесува до Stelvio, неговата „6C Villa d’Este“ варијанта е понудена со посилен 2.2-литарски турбодизел со 210 кс, или пак 2.0-литарски турбо-бензински агрегат со 280 кс – исто како верзијата Veloce Ti . Кросоверот може да се добие исклучиво со погон на сите четири тркала и осум-степен автоматски менувач.

Не се објавени информации за цената и достапноста на лимитираната серија кај двата модели, но очекуваме тие да бидат малку поскапи од верзијата Veloce.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.