full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Giulia Veloce 2.2 JTDM 210 Q4 – Љубовна приказна

Со желба уште подобро да се запознаеме со Alfa Romeo Giulia, поминавме еден викенд со поспортската изведба која ја носи ознаката Veloce.

Giulia е моделот со кој Alfa Romeo навистина се врати на сцената. Кога пред неколку години за прв пат ја возев Giulia – во изведба Super, опремена со 2.2-литарски турбодизел со 150 коњски сили и мануелен менувач – кажав дека италијанскиот седан ги брани вистинските вредности. Fast forward неколку години подоцна и еве ме повторно зад управувачот на Giulia – но овој пат е Giulia Veloce.

Што значи Veloce?

Што всушност значи Veloce? Бидејќи моето познавање на италијанскиот јазик се сведува на имињата на разни видови на пици (и можеби еден-два видови на кафе), ќе искористам Google Translate – a Google кажува дека Veloce значи брзо. Плус, сè звучи подобро на италијански, нели?

Но сепак – наједноставно ќе објаснам ако кажам дека Veloce верзиите на Giulia се всушност само едно скалило под онаа врвната изведба која ја носи ознаката Quadrifoglio. Giulia Veloce добива поагресивни браници, помоќни сопирачки, спортски детали во кабината, прекрасни алуминиумски лопатки за менување брзини и уште мал милион други ситници. Резултат на сето тоа? Трансформација на Giulia која е многу повеќе од само визуелна. Giulia во моите очи секогаш имала апсолутно прекрасен став на патот – но во Veloce варијанта, таа изгледа едноставно спектакуларно.

Ќе признаам дека не сум огромен фан на тековниот дизајнерски јазик на Alfa Romeo – но Giulia изгледа ниско, широко и како да е подготвена да нападне. Односно – баш како што треба да изгледа еден спортски седан. Особено добро ми изгледаат дифузерот интегриран во задниот браник и завршетоците на издувниот систем. Giulia има што да каже.

Поврзано:   Alfa Romeo ги освежи Giulia и Stelvio со дискретни измени и нови технологии

Кабината е уште поспортска, уште по-секси!

Ја отворам возачката врата и се спуштам во ентериерот. Не, не се качувам во ентериерот, ова не е позерски SUV. Ова е спортски седан, и како што треба – се спуштам во возачкото седиште. Седиштата изгледаат прекрасно, но ќе забележам дека ми недостасува малку странична поддршка, особено на долниот дел. Сепак – кабината зрачи со својата динамика.

Директно, високо пред мене е поставен управувачот, а зад него се кријат оние секси алуминиумски лопатки за менување брзини – кои се фиксно поставени, како кај Ferrari. Всушност, сите мали спортски детали ми кажуваат дека се работи за сериозен автомобил, чија намена е да понуди врвно возачко искуство и да извлече насмевка од мене.

Giulia не е најпросторниот модел во сегментот кога станува збор за простор на задната клупа – но е сосем доволно за двајца патници. Секако, има седани кои се попросторни – но да бидеме искрени – колку често возите некој 2-метраш на задните седишта?

Моќниот турбодизел не е за потценување

Го притискам старт-копчето поставено на управувачот и Giulia се буди. Во ред, во ред – оние тврдокорните ќе кажат дека Giulia Veloce би требало да се добие со еден од моќните бензинци на Alfa Romeo – и иако најверојатно би се согласил, ни моќниот 210-коњски турбодизел не е за потценување. Го префрлам менувачот во D и почнувам да се движам – и веднаш, веднаш е очигледно дека Giulia е нешто сосем различно, дека таа се однесува на патот со огромна доза на самодоверба и дека главниот акцент е даден на управливоста.

Ниту перформансите не се за потценување – бенчмаркот од 100 километри на час пристигнува за 6.8 секунди, додека максималната брзина е 235 километри на час. Потрошувачка? Доволно ниска за да кажам дека е тотално и апсолутно неважна, барем во овој сегмент.

Поврзано:   ТЕСТ: Alfa Romeo Giulietta 1.6 JTD 105 Super - Не ги занемарувајте вистинските таленти!

Сепак, најважно е чувството зад управувачот…

Почнувам да возам сè побрзо и побрзо, ја повлекувам десната лопатка на менувачот за степен погоре, па уште еден степен погоре, а Giulia ги исполнува сите мои желби. Од свиок во свиок, јас и Giulia стануваме сè поблиски и сè подобро се запознаваме – Giulia ги наградува оние кои навистина знаат и сакаат да возат.

Од свиок во свиок, задниот дел на Giulia е подготвен малку да изгуби тракција и да заигра – кога тоа ќе го побарате, секако. Но сето тоа се случува многу контролирано и предвидливо, и во ниту еден момент не чувствувам страв од задниот погон. Секако, бидејќи се работи за модел со ознаката Q4, значи дека всушност дел од силата се пренесува и кон предните тркала – но тоа се случува само во оној момент кога системот ќе забележи пролизгување, а и тогаш не е нешто премногу нагласено. Alfa Romeo Giulia – и покрај Q4 системот – е цврсто наклонета кон погонот на задните тркала.

Автоматскиот менувач е истиот оној 8-брзински ZF кој се добива и кај многу други автомобили – и морам да ги пофалам инженерите на Alfa Romeo кои го нагодиле софтверот. Менувачот реагира инстантно (особено кога селекторот за режим на возење ќе го префрлам во D) на секое мое побарување – без разлика дали се работи за степен повисоко или пониско.

Од друга страна – кога ќе посакам да бидам фин и културен граѓанин, го префрлам селекторот на режим во N и Giulia се трансформира во сосем цивилизиран седан. Да не се разбереме погрешно – онаа динамичност не оди никаде, но сепак работите се малку подискретни, поопуштени. Вака е лесно да се поминат илјадници и илјадници километри.

Поврзано:   Протекоа првите фотографии од серискиот Alfa Romeo Tonale

Giulia Veloce има посебно место во моето срце

По сето ова… Најлесно е да кажам дека Giulia Veloce има посебно место во моето срце, бидејќи тоа е навистина така. Како и првиот пат кога возев Giulia, и сега ќе се навратам на онаа изјавата дека секој вистински фан на автомобилите, мора барем еднаш да поседува Alfa Romeo – и повторно ќе кажам дека иако можеби не се согласувам потполно со таа изјава, едноставно – има тука нешто. Giulia е заводлива, интересна, различна. Има некои несовршености, секако – но како и кај секоја Alfa Romeo, тоа е дел од карактерот, дел од харизмата… Ах, ете, почнав пак…

Видео

Спецификации

Модел: Alfa Romeo 2.2 JTDm 210 Veloce
Мотор: 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 210 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 470 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 6.8 секунди
Максимална Брзина: 235 километри на час
Должина: 4643 mm
Ширина: 2024 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1436 mm
Тежина: 1540 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2820 mm
Багажен Простор: 480 литри
Потрошувачка: 9.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Alfa Romeo 2.2 JTDM 150 MTX6 RWD – 38.800 Евра
Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo 2.2 JTDM 210 Q4 Veloce – 73.580 Евра
Повеќе Информации: Alfaromeo.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски & CARclub.mk



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.