ТЕСТ: Alfa Romeo Giulia 2.2 JTDm 150 Super – Вистински вредности! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Alfa Romeo Giulia 2.2 JTDm 150 Super – Вистински вредности!

Alfa Romeo се враќа, дами и господа, а ние поминавме неколку денови со новата Giulia опремена со 2.2-литарски турбодизел и ова се нашите впечатоци од новиот италијански седан со погон на задните тркала!


Да се пишува за Alfa Romeo е истовремено и многу лесно, и многу тешко. Верувале или не, сите ние што пишуваме за автомобилите сме договорно обврзани да ги користиме зборовите „срце“, „страст“ и „душа“ кога пишуваме за италијанскиот бренд. Како што многумина сакаат да кажат – не сте вистински вљубеник во автомобилите сè додека не поседувате некаков Alfa Romeo. Тоа можеби и не мора да биде баш така, но верувајте – има барем малку вистина во таа изрека.

Веќе сигурно сте читале и виделе многу за новата Alfa Giulia Quadrifoglio

За што всушност зборуваме денес? Веќе сигурно сте читале и сте виделе многу за новата Alfa Giulia – особено за монструозната Quadrifoglio верзија која носи 2.9-литарски битурбо V6 со преку 500 коњски сили – во суштина, ако Ferrari правеше седан, тоа ќе беше тоа. Тоа е врвот на понудата, знаменосецот – capo di tutt’i capi – ако така сакате.

Тоа е автомобилот кој поставува рекорди скоро каде и да се појави и на вљубениците во автомобилите им предизвикува не-баш-најкултурни чувства. Alfa Romeo, со преку 500 коњски сили, и погон на задните тркала – the stuff dreams are made of!

Дури ни „обичната“ Giulia не е баш толку обична!

Но што останува за нас, цивилите, оние кои не можеме да си го дозволиме таквиот автомобил? Па тука е „обичната“ Giulia, секако. Но она што можеби не го знаете е дека дури ни обичната Giulia не е баш толку обична. Состојките се идеални – земете целосно нова платформа со погон на задните тркала, попрскајте малку висока технологија во форма на карбонски кардан и менувач поставен на задната оска, додајте на тоа модерни и моќни турбо-бензински и турбодизел мотори и сето тоа „замотајте“ го во дизајн кој едноставно се издвојува меѓу малку клиничната, можеби дури стерилна конкуренција. Во ред, дизајнот можеби нема да биде по сечиј вкус (признаваме дека кога ги видовме првите фотографии, не ни се допадна ни нам), но кога ќе ја видите Giulia во живо, на улица – има нешто различно, нешто сензуално и храбро кај неа.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Автомобилот е низок и широк – нешто што станува реткост кај автомобилите, блиску до подлогата, со изразен cab-rearward дизајн. Ова значи дека пропорциите се помалку или повеќе идеални – кабината е „бутната наназад“, задниот дел е краток и дискретно извишен, а предниот дел е долг, како што и прилега на автомобил со исклучителни спортски гени. Дури и темно-сивите алуминиумски фелни изгледаат добро (кои би требало да бидат барем број-два поголеми) – а ние не сме баш големи фанови на темните тркала – секогаш изгледаат некако помали од она што се.

Ниско, спортско седење и минималистичка кабина со изразена ориентираност кон спортското возење!

Ја отвораме вратата и нè пречекува релативно минималистичка кабина. Директно пред возачот е поставен совршено димензионираниот управувач, на кој гордо стои амблемот на Alfa Romeo. Пред него се и модерно-дизајнираните инструменти, а на централната конзола доминираат мултимедијалниот екран (кој за волја на вистината е релативно мал) и контролите за клима уредот. Десно од возачот се рачниот менувач чија рачка е одлично димензионирана, но би сакале да е алуминиумска – ова сепак е Alfa Romeo, и контролите за мултимедијалниот уред и DNA системот со три различни режими на возење. Седењето е изненадувачки ниско, како што и треба да биде, а сите команди се јасни и лесни за користење – се гледа дека ова е автомобил кој е ориентиран кон возачот.

Задната клупа е во рамките на директните конкуренти во класата – комфорно ќе седат двајца патници (за тројца може да биде проблем централниот тунел) дури и на подолги релации, а багажниот простор нуди капацитет од 480 литри – скоро идентично како и директните конкуренти.

Време е да се движиме..

Десеттина секунди бараме како да го стартуваме автомобилот, па ни текнува дека старт-копчето е на управувачот (како кај Ferrari!) и малку засрамени го стартуваме 2.2-литарскиот (нов, алуминиумски) турбодизел и веднаш се забележува дека тој е поставен лонгитудинално – на секое притискање на педалата за гас целиот автомобил се занишува лево-десно. Кога ќе престанете да се кикотите како мали деца на оваа исклучителна сензација и ќе ја ставите Giulia „во прва“ – подгответе се да бидете изненадени!

Спортските гени на Giulia се неизбежни. По само неколку стотици метри станува јасно дека ова е исклучителен автомобил чија примарна задача е да стави шиииииииирока насмевка на оној кој е зад воланот. Исклучително брзото серво ги пренесува сите команди директно кон предните тркала, и начинот на кој Giulia ја менува насоката на движење влева доверба во нејзините можности.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Едноставно насочете го управувачот во насоката во која сакате да се движите, и Giulia со изненадувачка леснотија ќе ве послуша. Ставете го DNA-селекторот во D и системот дури и ќе дозволи мало (но доволно) пролизгување на задната оска во свиоци. Како што почнувате сè повеќе и повеќе да и верувате на Giulia, така сè похрабро ќе ги барате нејзините лимити – кои верувајте – не се баш ниски.

Одлично избалансираната шасија не стреми ни кон подуправување, ни кон надуправување, туку директно и неутрално ги покорува свиоците. Во оние моменти кога ќе „претерате“ ќе добиете надуправување (како што и треба од автомобил со погон на задните тркала) но Giulia никогаш нема да ви ја одгриза главата туку линеарно ќе ве предупредува дека границите се ближат. Ова е автомобил кој прави просечниот возач да изгледа подобар, а искусниот го наградува.

Економичен и моќен алуминиумски турбодизел

Сето ова е придружено од прилично добра економичност на 2.2-литарскиот турбодизел. Според официјалните податоци забрзувањето до 100 километри на час трае 8.4 секунди и максималната брзина е 220 километри на час, но во движење забрзувањето (и особено меѓузабрзувањето) делува многу поуверливо. На отворен пат, дури и при повисоки (односно, не-баш-најлегални) брзини Giulia се однесува самоуверено а патувањето е тивко и комфорно.

Суспензијата е цврста без да биде некомфорна и барем во нашите очи постигнува идеален компромис меѓу цврстината и комоцијата. Лесно ги впива нерамнините од улиците – па дури и поголемите дупки не се проблем – но сигурни сме дека тука улога играат и релативно „месестите“ пневматици.

Секако – имаме некои ситни забелешки – некои од материјалите во кабината не се идеални, и прегледноста може да биде малку проблематична – особено поради ниското седење, големите столбови и странични ретровизори, но ова се ситни, дури незначителни забелешки кога ќе се земе во предвид вкупниот впечаток кој Giulia го остава.

Поврзано:  Alfa Romeo го најави Junior Veloce со 280 коњски сили!

Giulia ги пренесува оние старите, вистинските вредности!

Конечно, кои се впечатоците од Giulia? Без сомнеж, ова е автомобил кој ги пренесува оние, старите, вистинските вредности на еден спортски седан, и притоа поставува нови стандарди во некои од сегментите во класата. Ова е автомобил кој како и секој друг, има некакви маани – но сите тие сме подготвени да ги простиме заради големото срце (динг), страста која ја буди зад управувачот (динг) и италијанската душа (динг, динг, договорните барања се исполнети) кои се неизбежен дел од нејзиниот карактер. Ова е спортски седан за оние кои навистина знаат и сакаат да уживаат во возењето. Во време кога вистинските возачки вредности се менуваат со други, добро е да се знае дека постои бренд и постои автомобил кој нема да се откаже толку лесно. Avanti, Giulia!

  • 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4643 mm
  • Ширина: 2024 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1436 mm
  • Тежина: 1374 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2820 mm
  • Багажен простор: 480 литри
  • Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска), 7.3 (измерена, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Alfa Romeo Giulia 2.2 JTDm 150 MT6 Super – 38.250 Евра
    Повеќе информации: AlfaRomeo.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.