full screen background image
Search

Land Rover ја претстави лимитираната Bond Edition верзија од Defender V8

Британскиот бренд го прославува своето учество во најновиот Џејмс Бонд филм „No Time To Die“ со специјална верзија на моделот Defender V8.

Ограничена на само 300 примероци, Land Rover Defender V8 Bond Edition верзијата е достапна кај Defender 100 и 90 изведбите, а е инспирирана од примероците кои се појавуваат во претстојниот филм.

Со таинствен изглед во целосно црна боја, Bond Edition верзијата го комбинира пакетот Extended Black Pack со 22-инчни сјајно црни алуминиумски фелни Luna и специфични Xenon сини предни капаци на сопирачките.

Заедно со темниот екстериер, теренецот исто така добива и „Defender 007“ ознака на задниот дел, осветлени плочки на праговите, како и специјално развиена анимација на стартувањето на екранот на допир.

Возачите кои ќе се враќаат кон нивниот темен теренец во ноќта ќе добијат помош од уникатните 007 светлечки траги на подот. Верзијата добива и специјална „One of 300“ ознака, како и уникатно SV лого.

Под поклопецот е сместен неизменет 5.0-литарски V8 агрегат кој произведува 525 кс и 625 Nm вртежен момент, благодарение на кој забрзува од 0-100 км/ч за само 4.9 секунди на патот кон максималната брзина од 240 км/ч, кај пократката изведба.

Покрај Land Rover Defender, во новиот Џејмс Бонд филм кој ќе дебитира на 30ти Септември ќе се појават и два примероци на Range Rover Sport SVR, еден Range Rover Classic, како и еден Land Rover Series III.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.