full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender добива V8 со 525 коњски сили!

Land Rover тукушто го претстави новиот Defender V8 – кој како што кажува името, добива голем 5-литарски V8 кој испорачува 525 коњски сили!

Новиот V8 ќе биде достапен кај краткиот Land Rover 90, но и кај големиот Land Rover 110. Моќниот, 5-литарски компресорски V8 испорачува 525 коњски сили и 625 Nm вртежен момент – доволни за катапултирање на големиот теренец до 100 километри на час за 5.2 секунди и максимална брзина од 240 километри на час.

Сите тие коњски сили и њутн-метри се пренесуваат кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Од Land Rover кажуваат дека суспензијата е дополнително прилагодена, а вградени се и поголеми стабилизатори. Land Rover Defender V8 стандардно ќе доаѓа со елетронски активен заден диференцијал, а шасијата е дополнително доработена за да се подобри управливоста.

Iain Gray, сениор директор за развој на напредни погони во JLR изјави дека „5-литарскиот V8 дополнително го подобрува уникатниот карактер на Defender. Тој звучи фантастично и нуди неверојатни перформанси, и сега е уште поинтересен за возачите.“ Всушност, Terrain Response системот сега има и Dynamic режим, кој според Land Rover е таму „за да ги искористи динамичниот карактер и управливоста“.

Секако, измените не се само механички – па покрај засебните значки, ќе добиете и четири завршетоци на издувниот систем и големи 22-инчни тркала, а ќе можете да го нарачате вашиот Defender V8 во една од три бои – Carpathian Grey, Yulong White и Santorini Black. Без разлика на одбраната боја, ќе можете да го добиете Defender V8 со црн кров. Дополнително, кабината добива Ebony Windsor кожа, детали се обвиени во алкантара, а некои елементи се изработени од алуминиум.

Поврзано:   Новиот Land Rover Defender е прогласен за Светски Автомобилски Дизајн на Годината

За оние кои сакаат нешто навистина ексклузивно, тука е Defender V8 Carpathian Limited Edition. Оваа лимитирана серија е врвната комбинација на перформанси, издржливост и дизајн. Defender V8 Carpathian Edition ќе биде достапен само во Carpathian Grey со Narvik Black кров, поклопец на моторот и задна врата. Дополнително ќе добие и специјални значки, Xenon Blue шепи на сопирачките и уште неколку ситни детали.

Новиот Defender е еден од нашите омилени теренци – го возевме минатата година и ни остави одлични впечатоци. Ѕирнете го нашиот тест!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.