ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 XHL 100 GS Line – Идеалната Corsa! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 XHL 100 GS Line – Идеалната Corsa!

Ја возевме новата Opel Corsa, опремена со најдобриот мотор во понудата – 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили!

Кога пред повеќе од една година, за прв пат седнавме зад управувачот на новата Corsa опремена со турбодизел, останавме позитивно импресионирани од напредокот кој го препознавме откако германскиот бренд дојде под капата на PSA, односно сега веќе Stellantis. Сега, година и половина подоцна, и со модерен турбо-бензинец, каков впечаток остава Corsa?

Opel доживува ренесанса. Верувајте, нема поинаков начин да се каже тоа. Новата Corsa е првиот продукт развиен откако Opel е дел од PSA, односно Stellantis, а во меѓувреме се лансирани новата Mokka, претставена е целосно-новата Astra, а свое темелно освежување добија и Crossland и Grandland. Opel има млада гама на модели – и ужива во секој момент.

Corsa не ни е непозната. Еднаш веќе ја возевме, а сега сме повторно зад управувачот на компактниот хечбек од Риселсхајм. При првото запознавање со Corsa возевме турбодизел, овој пат возиме турбо-бензинец – и некако, имаме чувство дека ова е вистинскиот мотор за Corsa.

Новата Corsa е модерна и забележителна, a GS Line пакетот ја нагласува динамичноста

Сепак, пред да зборуваме за тоа, ајде повторно малку за дизајнот. Најновата генерација на Corsa е модерна – самите дизајнери и челници на Opel ја повторуваат Cold to Cool мантрата – а со тоа е и забележлива и храбра. Ни се допаѓаат и деталите, но и поголемите форми и површини. На предниот дел вниманието го задржуваат хоризонталните предни светла со LED дневни елементи, како и широкиот отвор за воздух.

Овие детали на Corsa ѝ даваат сериозен, динамичен изглед кој ја навестува подготвеноста на германскиот хечбек да понуди забава зад управувачот. Профилот е дефиниран од острата карактерна линија и црниот кров (двобојната комбинација ни е особено кул), а на задниот дел вниманието оди кон внимателно вајаните контрастни форми и хоризонтални детали кои го истакнуваат ставот на Corsa. Ако имаме забелешка, најверојатно би посакале еден број поголеми тркала кои дефинитивно подобро би одговарале на ликот на Corsa GS Line.

Плус, Orange Fizz бојата на нашиот тестен примерок? Спектакуларна!

Поврзано:   Opel произведува автомобили веќе 125 години!

Спортски ентериер со многу модерни технологии

Ни се допаѓа и спортскиот ентериер на Corsa GS Line. Веднаш штом ја отвораме вратата ги забележуваме спортските седишта и спортските детали низ кабината – од црвената декоративна линија која проаѓа низ целата предна конзола, преку управувачот со зарамнето дно, па сè до црниот тапацир на кровот – Corsa GS Line јасно и гласно ги кажува своите спортски претензии.

Седењето е ниско и спортско, а седиштата нудат одлична странична поддршка. Лесно се наоѓа комфорна (и повторно, спортска) возачка позиција, а прегледноста е прилично добра. Ќе пофалиме неколку ситни и практични детали – на пример, ни се допаѓа дека Corsa оди спротивно на трендовите и нуди физички контроли за клима уредот. Од друга страна, не ни се допаѓа пијано-црниот финиш на некои од површините – едноставно е вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти.

Мултимедијалниот уред е лесен за користење, а доаѓа и со Android Auto и Apple CarPlay поврзување – тоа го прави особено практичен. Имавме и ситна забелешка на отворањето на прозорците – на предните врати, тие не се отвораат „до крај“ – но откривме „финта“. Притиснете го копчето за спуштање на прозорците четири пати, и прозорците ќе се вовлечат целосно. Зошто е ова вака? Не знаеме, навистина. Од друга страна, има многу практични места за одлагање ситници и дребулии, а нашиот тестен автомобил имаше и супер-практичен централен наслон за рацете меѓу возачкото и совозачкото седиште.

Немаме забелешка ниту за просторната понуда на задната клупа. Во контест на конкуренцијата и класата во која припаѓа, Corsa е повеќе од просторна. Не би препорачале тројца да седат на задната клупа, особено на подолги патувања – но за двајца е сосем комфорно. Багажникот нуди 309 литри, односно скоро 1100 литри со спуштени задни седишта – а тоа повторно е во рамките на очекуваното за класата.

Поврзано:   Opel најавува важен новитет - Frontera се враќа!

Нашата тестна Corsa дојде со неколку пакети на дополнителна опрема. Ќе го истакнеме NCAP пакетот кој вклучува сензор за препозанавање на сообраќајни знаци, детекција на пешаци напред, сензор за предупредување од можен удар при ниски брзини и слично, како и Park & Go пакетот кој вклучува предни и задни паркинг сензори, електрично преклопување на страничните ретровизори и задна паркинг камера.

1.2-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили е идеалниот за Corsa

Но зошто сметаме дека токму 1.2-литарскиот турбо-бензинец е вистинскиот мотор за Corsa? Затоа што успева да понуди вистинска забава зад управувачот, без притоа да биде „жеден“. Малиот, 1.2-литарски, три-цилиндерски турбо-бензинец испорачува 100 коњски сили при 5500 вртежи во минута, односно одлични 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута.

Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-брзински мануелен менувач, а сето тоа резултира со спринт до 100 километри на час за 9.9 секунди и максимални 194 километри на час. Малиот бензинец изненадува на секое притискање на педалата за гас – подготвен е да ја задвижи Corsa во скоро секој режим и дури и да изнуди насмевки. А сето тоа не е „казнето“ кога ќе отидете на бензинските станици – за време на тестирањето измеривме потрошувачка од околу 6.5 литри бензин во град, односно 5.9 литри бензин на отворено.

Плус, едноставно сметаме дека дизелот во оваа класа на возила веќе едноставно не е оправдан, освен ако не минувате навистина многу, многу километри годишно. Малиот бензинец импресионира со неговите перформанси, но и со неговата ефикасност, и едноставно не ја гледаме поентата на доплатата за дизелот. Навистина, со задоволство го препорачуваме турбо-бензинецот и сакаме да мислиме дека токму ваква Corsa замислувале инженерите и дизајнерите додека работеле на нејзиниот развој.

Поврзано:   Opel произведува автомобили веќе 125 години!

Идеален спој меѓу динамичност и комфор

Како и минатиот пат, и овој пат Corsa нè импресионираше со идеалниот спој меѓу спортска цврстина и комфор. Суспензијата успешно ги филтрира нерамнините од нашите тетовирани улици, а притоа ја одржува стабилноста во свиоци и го елиминира прекумерното навалување. Вистинско задоволство е да се „притисне“ малку повеќе и да се ловат свиоците, без притоа во кабината да се пренесуваат несакани звуци ниту вибрации. Corsa е „нагодена“ да биде максимално неутрална – а тоа значи дека нема нагласено подуправување и дека контролата на каросеријата е одлична. Управувањето е прецизно, особено во Sport режим, но немојте да очекувате премногу информации од подлогата.

Corsa е автомобил кој ќе сакате да го возите – а тоа е најважниот дел од приказната!

Сè на сè, го потврдуваме нашиот став дека токму ова е идеалната Corsa. Комбинацијата од модерен дизајн, спортските детали на GS Line пакетот и ентузијастичкиот турбо-бензинец прават ова да биде автомобил кој ќе сакате да го возите. А тоа е многу, многу важен дел од приказната.

Спецификации

Модел: Opel Corsa 1.2 100 XHL GS Line
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 194 километри на час
Должина: 4060 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1090 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2538 mm
Багажен Простор: 309 – 1081 литри
Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Opel Corsa 1.2 XEL 75 – 13.240 Евра
Цена на тестираниот модел: Opel Corsa 1.2 XHL 100 GS Line – 17.950 Евра
Повеќе Информации: Opel.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.