Manhart го засили BMW M5 на 815 кс со новиот MH5 800 пакет – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Manhart го засили BMW M5 на 815 кс со новиот MH5 800 пакет

Германската тјунинг компанија Manhart лансираше нов пакет за засилување на перформансите и дотерување на екстериерот на BMW M5.

Наречен MH5 800, тјунинг пакетот го засилува 4.4-литарскиот твин-турбо V8 агрегат на 815 кс и 1,050 Nm вртежен момент. Ова го прави 198 кс посилен од стандардниот M5 Competition и 188 кс посилен од најмоќниот фабрички модел M5 CS.

Toa било постигнато благодарение на нови турбополначи, интеркулер, карбонски довод за воздух, издувен систем и репрограмирање на компјутерската единица. Покрај тоа, осум-степената автоматска трансмисија била надградена да може да го поднесе зголемениот вртежен момент.

Компанијата не ги објави бројките од перформансите, но ние сме сигурни дека MH5 800 ќе биде значително побрз од стандардниот M5 Competition, кој забрзува од 0-100 км/ч за 3.3 секунди и има максимална брзина од 305 км/ч.

Новиот издувен систем од Manhart доаѓа со цевки од не’рѓосувачки челик без катализатори и нов заден лонец со ротирачки вентил. Четирите издувни завршетоци можат да се добијат и со карбонска или керамичка облога.

За подобрено управување, Manhart ја надградиле суспензијата со прилагодливи H&R пружини, кои се за 30 милиметри пониски од стандардните.

Иако објавените фотографии прикажуваат необновен BMW F90 M5 модел, надградбите се исто така достапни и за освежениот модел. Визуелните измени се дискретни, а највпечатливи се 21-инчните Manhart Concave One алуминиумските фелни, обоени во мат црна боја.

Тука е исто така и карбонски аеродинамичен пакет, составен од сплитер, странични прагови, капаци на ретровизорите, дифузер и заден лип сплитер. Како опција е понуден и карбонски поклопец на моторот со отвори за вентилација.

Во кабината е поставен нов тапацир на кровот, со светлечко LED „ѕвездено небо“ како во автомобилите на Rolls-Royce, а тука се и карбонски детали на инструмент таблата, воланот и лопатките за промена на степени.

Според официјалната брошура, вкупната цена на сите овие измени е 46,045 евра, со исклучок на данокот и цената на основното возило.

Поврзано:   Larte Design го стилизираше големиот BMW X6


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.