full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi Skysphere Concept е спектакуларно електрично купе со променливо меѓуоскино растојание!

Skysphere Concept е првиот од трите концепти со кои Audi ќе ни овозможи да погледнеме во иднината на брендот и да ги погледнеме автомобилите кои можеме да ги очекуваме од германскиот бренд во следните години.

Skysphere е моќен двосед со варијабилно меѓуоскино растојание – односно, автомобилот се трансформира од автономен и луксузен гранд турер во луксузен спортски автомобил. Автомобилот е дизајниран во студиото на Audi во Малибу, а влече инспирација од Horch 853 роудстерот од 30-тите години на минатиот век. Сепак, ги забележуваме сите модерни Audi детали – од големата Singleframe маска која еволуира во осветлен панел со LED елементи, профилот е остар со нагласени мускулеси елементи а остриот агол на ветробранското стакло овозможува Skysphere да стане кабриолет.

Инспирацијата од минатото се гледа и во тркалата – тие се инспирирани од класичните тркала, а новите овозможуваат дополнително ладење на сопирачките. Задниот дел е покриен со стакло кое овозможува директен поглед во багажниот простор, а формата е комплексна и конкавна за повторно да асоцира на спортските купеа од минатото.

Но што е со варијабилното меѓуоскино растојание? Па, целиот преден дел може да се издолжи за 250 милиметри. Според Audi, менувањето на меѓуоскиното растојание не ги менува само пропроциите, туку и возачкото искуство и возачките карактеристики. Концептот е придвижуван од еден електромотор поставен на задната оска кој испорачува 632 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае 4 секунди, додека батеријата која е со капацитет од „најмалку 80 kWh“ овозможува додавање на дополнителни батериски модули и автономија од над 500 километри.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi Grandsphere Concept го најавува идниот А8!

Интересно, кога е во подолгата – GT – конфигурација, Skysphere е целосно автономен автомобил. Нема ниту управувач – а 55.7-инчен дисплеј ја покрива целата конзола. Во овој режим патниците имаат пристап до интернет, можат да прават видео-конференциски разговори или пак да гледаат филмови. Во пократката – Sport – конфигурација управувачот и педалите стануваат достапни, а дел од конзолата се приближува до возачот и со тоа се формира кокпит.

Од Audi напоменуваат дека Skysphere е само концепт и дека нема да биде пуштен во сериско производство, но дека „ги визуелизира двата различни карактери на автомобилот“ и дека концептот всушност ни прикажува што сè е можно. Најавуваат дека одредени дизајнерски елементи и технички решенија дефинитивно ќе бидат прифатени од сериските автомобили на Audi во иднина.

Audi до крајот на оваа година ќе го покаже и Grandsphere концептот за луксузна лимузина, а во текот на следната година ќе го прикаже и Urbansphere концептот за урбан градски хечбек.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.