ОФИЦИЈАЛНО: Audi RS 3 Sedan е најбрзиот компактен автомобил на Нирбургринг – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: Audi RS 3 Sedan е најбрзиот компактен автомобил на Нирбургринг

Новиот Audi RS3 Sedan го собори рекордот за најбрз компактен сериски автомобил на тркачката патека Нирбургринг и ја одзема титулата од Renault Megane RS Trophy-R.

Спортскиот седан на Audi со возачот Френк Стиплер постави време од 7:40.748 минути за еден круг на популарниот „Зелен Пекол“. Ова е за 4.64 секунди побрзо од претходниот рекорд од 7:45.38, чиј сопственик е Renault Megane Trophy-R, кој располага со помала сила, помала тежина и погон само на предните тркала.

Иако истата предност ја имаше и претходната генерација на Audi RS3, таа беше инфериорна на тркачките патеки во споредба со Францускиот хечбек. Токму затоа, новиот рекорд на последната генерација на RS3 Sedan јасно ги покажува придобивките од новиот систем за погон на сите тркала.

За потсетување, под неговиот поклопец се наоѓа 2.5-литарски мотор со 400 кс и 500 Nm вртежен момент, кој преку седум-степена S-tronic трансмисија со двојна спојка ја испорачува силата кон сите четири тркала. Благодарение на тоа, може да забрза од 0-100 км/ч за само 3.8 секунди и има максимална брзина од 290 км/ч.

Рекордно брзо извозениот круг бил снимен во Јуни, пред неговото официјално претставување, што ја објаснува потребата од маскирната фолија.

Користениот RS3 Sedan имал стандардна конфигурација и бил опремен со опционалните Pirelli P Zero Trofeo R полу-мазни пневматици, адаптивната RS Sport суспензија и керамичките дискови на предната оска. Новата RS Torque Splitter технологија играла значителна улога во постигнатото време со тоа што овозможувала подобро забрзување на излезот од секој свиок.

Според Френк Стиплер – развојниот возач на Audi Sport, кој во управувал автомобилот, новиот систем за распределба на вртежниот момент носи „квантен скок во поглед на динамичното возење“, особено кога е во комбинација на RS Performance режимот на возење.

Директниот ривал на Audi RS3 Sedan, Mercedes-AMG CLA 45 S сеуште нема снимено официјално време на патеката, но пократкиот A 45 S беше побавен на неофицијален круг. Ние не се сомневаме дека ова ќе ги испровоцира конкурентските компании да ги „завратат ракавите и да се фатат за работа.

Меѓутоа, се додека некој не го собори од тронот, новиот RS3 Sedan е кралот на компактите на Нирбургинг!



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.