Новиот Citroën C3 Aircross SUV пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Citroën C3 Aircross SUV пристигна во Македонија!

Неодамна-освежениот Citroën C3 Aircross пристигна и кај нас, и веќе е изложен во продажниот салон на францускиот бренд во Скопје.

Citroën неодамна го освежи супер-популарниот C3 Aircross. Освежениот SUV на Citroën доби подинамичен и позабележлив дизајн, со поистакнат преден лик и редизајниран светлосен потпис кој ги следи тековните трендови на францускиот бренд. Хромираните шеврони се надградени и се протегаат кон LED светлата, во духот на новите C3 и C4, но со помускулест пристап. Дополнително, добива и нова предна решетка со нова графика, како и нови заштитни панели и додатоци во боја кои ја истакнуваат робустноста на C3 Aircross.

Како и досега, и понатаму еден од најмоќните аргументи за C3 Aircross е персонализацијата. Програмата за персонализација на C3 Aircross е проширена и надополнета да ги задоволи потребите и барањата на клиентите кои сакаат уникатен, засебен SUV кој ќе го истакне токму нивниот карактер. Надворешниот изглед може да се персонализира до 70 различни комбинации и тоа преку 7 бои на каросеријата, од кои 3 (Сива Khaki, Сина Voltaic и Бела Polar) се целосно нови, 4 колор пакети со две нови бои кои го нагласуваат текстурираниот ефект – Anodised Портокалова и Anodised Темно Сина, но и две бои на кровот, можност за персонализација на страничните ретровизори, нови фелни со дијаметар од 16 и 17 инчи, итн.

Кабината може да се персонализира во 4 различни амбиенти – серискиот, Urban Blue, Metropolitan Graphine или Hype Grey. Сите носат свои материјали, текстури и бои, а Metropolitan Graphine и Hype Grey добиваат ново специјално порабување карактеристично за Citroen кое е единствено на пазарот. Ова порабување дебитираше кај новиот C4 (кој неодамна го возевме), а се препознава преку стилизираните шеврони на францускиот бренд.

Освежениот C3 Aircross ги добива и Advanced Comfort седиштата, кои благодарение на специјалните материјали се навистина напредно комфорни. Новиот C3 Aircross добива и корисни нови технологии – меѓу другото, добива 9-инчен мултимедијален уред со Connect Nav, Android Auto и Apple CarPlay, дури 12 интуитивни системи за асистенција во возењето, но и безжично полнење на мобилен телефон, хед-ап дисплеј во боја, итн, итн.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroën ги објави првите фотографии и детали од целосно-новиот C3 Aircross

Сето тоа е достапно во три нивоа на опременост – Feel, Feel Pack и Shine. Достапни се и грст различни погонски опции – бензинските PureTech мотори, како и BlueHDI турбодизелите. Во зависност од одбраниот мотор, можете да нарачате 6-степен мануелен менувач, или пак EAT6 автоматски менувач со шест брзини.

Цените започнуваат од 16.190 Евра за C3 Aircross во Feel ниво на опрема, придвижуван од 110-коњски PureTech турбо-бензинец. За повеќе информации, посетете го салонот на Citroën, или пак официјалната веб-страница.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.