Независниот Бразилски дизајнер Гиљерме Кноп ја претстави својата визија за наследник на популарниот историски модел Porsche 928.
Porsche 928 со својот футуристички дизајн, луксузната кабина со четири седишта, одличните перформанси и предвидливото управување го размрда светот кога беше претставен во 1977 година.
Иако најпрво беше замислен да го наследи моделот 911, сепак тој не успеа да освои повеќе купувачи од него и беше укинат во 1995, 18-години по неговото лансирање во производство.
Сепак, и покрај тоа 928 ги освојува симпатиите на денешните автомобилски љубители. Еден од нив е и Гиљерме Кноп, кој бил фасциниран од атрактивната форма на купето и создал модерна верзија на моделот.
Неговата визија не доаѓа со преголеми измени на карактеристичната форма. Дигиталниот концептен автомобил останува верен на структурата со предно поставен мотор и заден погон, а исто така ги задржува пропорциите на историскиот модел.
Како што е случајот со сите модерни автомобили, хипотетичкиот наследник на 928 е пораснат во димензии и е опремен со тркала со поголем дијаметар. Дизајнерот ги задржал специфичните дизајнерски елементи, но ги адаптирал со цел автомобилот да изгледа поскладно и помускулесто.
На предниот дел, светлата се позиционирани блиску до поклопецот, со што ги истакнуваат предните крила. Нивната навидум округла форма е инспирирана од оргиналните светла на отварање, но светлечката LED графика со четири елементи го следи најновиот дизајнерски тренд на Porsche.
Големото задно ветробранско стакло и триаголните странични задни прозорци се карактеристични за 928. Сепак, високо поставените задни светла се многу потенки и се уредени во сличен стил како електричниот модел Taycan.
Во кабината тука е исто така волан со историски инспириран дизајн, но модернизиран со додатоци од алуминиум. Инструмент панелот е исполнет со екрани, а се чини дека единствениот аналоген елемент е часовникот.
Мораме да признаеме дека концептот изгледа навистина интересно и веруваме дека би бил успешен модел доколку Porsche се реши да го произведе како пократка верзија од Taycan.