ПРЕМИЕРА: Новиот Porsche 911 – Помоќен и побрз – токму каков што треба да биде! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Porsche 911 – Помоќен и побрз – токму каков што треба да биде!

Пред само неколку часа Porsche во Лос Анџелес ја претстави најновата, осма генерација на својот иконски модел – незаменливиот 911!

На прв поглед – новиот 911 и не изгледа толку нов. Но токму таква е приказната за внимателна еволуција кај Porsche, и токму тоа го прави 911 еден од најпрепознатливите автомобили во историјата. На предниот дел забележуваме лик кој истовремено асоцира на сите минати генерации на 911, но изгледа модерно и ново. Најголемата трансформација е на задниот дел, каде 911 ги добива „споените“ задни светла – дизајнерски детал по кој сега се препознатливи сите модели на Porsche, и кој за прв пат беше покажан кај електричниот Mission E.

Инаку – фановите на Porsche веднаш ќе ја препознаат формата на 911 – тука се оние линии кои истовремено се и деликатни и мускулести. Она што вреди да се напомене е дека сите варијанти на 911 сега ќе бидат „пошироки“ – односно ќе го добијат „widebody“ третманот кој беше резервиран само за некои модели. Предностите на ова се неколкукратни, но најважното е дека сега предниот траг е поширок, исто како и предните тркала – а тоа резултира со уште подобро држење на патот. „Основната“ Carrera добива 19-инчни тркала напред и 20-инчни позади, додека Carrera S оди со еден број поголеми тркала и на предната и на задната оска.

Кога сме веќе кај различните изведби – на самиот старт ги имаме Carrera и Carrera S. Обете верзии користат 3-литарски шест-цилиндерски турбо-боксер поставен над задните тркала, кој кај 911 Carrera испорачува 385 коњски сили, додека Carrera S добива моќни 450 коњски сили. На самиот старт ќе се нуди нов автоматски менувач со 8 брзини и двојна спојка, а понатаму во понудата ќе биде додаден и мануелен менувач. Инаку, перформансите се импресивни – Carrera S забрзува „до стотка“ за само 3.7 секунди, додека Carrera 4S за 3.6. Додадете го Sport Chrono пакетот и Carrera 4S го постигнува бенчмаркот за 3.4 секунди! Максималната брзина? „Само“ 308 километри на час!

Значително надградување добива ентериерот, особено во контекст на технологии. Инструментите поставени пред возачот добиваат централно-поставен аналоген мерач на вртежи, а околу него се поставени два дигитални екрани кои можат да бидат прилагодени да покажуваат она што возачот сака да го види – исто како кај Porsche Panamera. На централната конзола е поставен широк мултимедијален дисплеј преку кој се контролираат многу од функционалностите во 911. Сè на сè – ентериерот изгледа помодерн и почист.

Поврзано:  Porsche Center Skopje одржа успешен настан за подобрување на искуството на клиентите

Интересно, Porsche кај 911 дебитира нов Wet режим на возење, кој е наменет да се користи во услови на дожд. Системот препознава мокри и лизгави услови, и соодветно го подготвува автомобилот и го известува возачот. Дополнително, купувачите ќе добијат и Road Trip систем кој се користи за планирање на подолги патувања, како и Impact систем кој ги следи емисиите на CO2.

Секако, наскоро можеме да очекуваме уште мал милион изведби на новиот 911 – наскоро ќе ги видиме и кабриолет изведбите, а понатаму и одличните GTS, GT3, GT3 RS и Turbo изведби… Добредојде 992, едвај чекаме да те запознаеме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.