ПРЕМИЕРА: Новата ера на Porsche започнува со електричниот Taycan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новата ера на Porsche започнува со електричниот Taycan!

Porsche ја започнува својата електрична ера со новиот Taycan, кој уште на самиот старт е достапен во две верзии – со 680, односно 760 коњски сили!

Дами и господа, кажете им добредојде на Taycan Turbo и Taycan Turbo S. Да, именувањето е малку конфузно, бидејќи самата природа на електричните автомобили значи дека тие самите по себе немаат турбо-полначи, но идејата на Porsche е да ги следи ознаките кои фановите и клиентите на брендот веќе добро ги познаваат.

Убедливи перформанси

Taycan Turbo може да обезбеди до 680 коњски сили во комбинација со Launch Control и да постигне 100 километри на час за 3.2 секунди, додека Taycan Turbo S постигнува до 761 коњска сила и го постигнува истиот спринт за 2.8 секунди. Turbo може да помине до 450 километри со едно полнење, додека Turbo S може да помине до 412 километри, и тоа според WLTP мерењата. Истовремено, обете верзии ја испорачуваат силата кон сите четири тркала и постигнуваат максимална брзина од 260 километри на час.

Инаку, Taycan носи и многу нови технологии – Taycan е првиот сериски автомобил кој има системска волтажа од 800 волти наместо вообичаените 400 волти кај другите електрични автомобили – а тоа значи дека со само 5 минути полнење Taycan може да помине 100 километри. Максималното полнење изнесува 270 kW, а полнење до 80% (на соодветен полнач) трае само 22.5 минути. Батеријата е со капацитет од 93.4 kWh.

Taycan Turbo и Turbo S користат два моќни електромотори – по еден на предната и на задната оска. Инженерите на Porsche се особено горди дека моторите се истовремено многу компактни и многу моќни, и дека всушност нудат највисока густина на моќност во однос на kW по литар простор кој го заземаат. Дополнително, на задната оска е поставен менувач со две брзини кој всушност е иновација која доаѓа директно од Porsche. Овој менувач овозможува супер-брзо забрзување, но истовремено втората брзина со подолг однос на преносот овозможува подобра ефикасност при повисоки брзини.

Поврзано:   Porsche претстави две нови E-Hybrid изведби од новата Panamera

Taycan е Porsche на секој можен начин

Секако, Taycan веднаш ќе го препознаете како Porsche – ги има оние препознатливи елементи на германскиот бренд, кои се соодветно освежени. Предниот дел е особено широк со јасно дефинирани крила, додека силуетата асоцира на легендарниот 911 и на новата Panamera. Формата го нагласува задниот дел – нешто што е типично за Porsche. На задниот дел доминира едноделното задно светло – детал по кој Porsche стана препознатлив.

Кабината (за која веќе еднаш пишувавме) ги следи тековните дизајнерски трендови на Porsche, но сè е некако „навиено до даска“ и фокусот е насочен кон возачот. Сите интерфејси на мултимедијалните системи и разно-разните инструменти се целоно редизајнирани за Taycan, a бројката на класични механички контроли е значително намалена. Интересно е што за прв пат Porsche ќе понуди варијанта на ентериерот целосно без кожа, а не е заборавено ниту на багажниот простор – има два багажници, еден напред со капацитет од 81 литар, и уште еден позади со капацитет од 366 литри.

Хај-тек пристапот кај Taycan продолжува со 4D Chassis Control системот кој ги анализира и синхронизира сите шасиски системи во реално време. Тука можеме да ги вброиме адаптивната воздушна суспензија, PDCC електромеханичкиот стабилизаторски систем, Porsche Torque Vectoring Plus системот, системот за погон на сите четири тркала и системот за регенерација на електрична енергија.

Новиот електричен Porsche е веќе достапен за нарачки, а цените во Германија започнуваат од 152.136 евра за Taycan Turbo, односно 185.456 евра за Taycan Turbo S.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.