ПРЕМИЕРА: Самоуверена, електрифицирана и ефикасна – Opel ја претстави храбрата нова Astra! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Самоуверена, електрифицирана и ефикасна – Opel ја претстави храбрата нова Astra!

Новата Opel Astra е поставена на EMP2 платформата на Stellantis и носи грст нови технолошки решенија, како и нови мотори и хибридни модели!

Дизајнот на новата Astra е радикален исчекор од малку конзервативниот пристап кој Opel досега го нудеше за овој модел. Новиот дизајнерски пристап е сличен на оној кај новата Mokka (која неодамна беше претставена и кај нас), но во една подинамична и истовремено уште поелегантна форма. На предниот дел вниманието го задржуваат предните Intelli-LUX LED светла со 168 LED елементи и Vizor маската, додека профилот го дефинираат црните столбови и црниот кров, како и Ц-столбот кој е во боја на каросеријата.

На задниот дел вниманието оди директно кон тенките и широки задни светла, црната значка и името ASTRA кое е гордо поставено на средината на петтата врата. Сè на сè – Astra изгледа современо, привлечно и динамично. Плус, навистина ни се допаѓа и жолтата боја – совршено ѝ прилега на Astra.

Инаку, Astra сега е 4 милиметри подолга, 51 милиметар поширока и 15 милиметри пониска од моделот кој го заменува. Дополнително, меѓуоскиното растојание е продолжено за 13 милиметри – а сето тоа ветува навистина просторна и комфорна кабина и голем багажник (422 литри, 52 повеќе од претходно).

А кога сме кај кабината – пред возачот се поставени дигитални инструменти на 10-инчен екран, а на централната конзола има уште еден 10-инчен екран наменет за инфозабавниот уред. Контролите за менувачот се минималистички и поставено во централната конзола, а Astra добива и нов, минималистички скулптуриран управувач. Во кабината доминираат геометриски и чисти линии, како и фини текстури.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!

Секако, Astra ќе ги добие и сите системи за напредно управување кои Stellantis ги има во своето портфолио. Тука ќе бидат системите за полу-автономно возење (со полу-автономно менување на сообраќајната лента!), но Astra добива и 360-степенска камера, Head-Up дисплеј, AGR ергономски седишта, итн..

Конечно, ајде малку и за моторите. Понудата на погонски единици започнува со 1.2-литарскиот турбо-бензинец кој ќе може да понуди 110 или 130 коњски сили, а во понудата ќе најдеме и турбодизел со 130 коњски сили. Овие мотори стандардно ќе се нудат со 6-брзински мануелен менувач, но ќе може да се нарачаат и со одличниот 8-брзински автоматски менувач кој Stellantis го има во своето портфолио.

Но уште поинтересни се plug-in хибридните изведби на Astra. Овие модели користат 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 или 180 коњски сили, кои се комбинират со електромотор кој испорачува 110 коњски сили, за вкупно 180 или 225 коњски сили. Овие модели ќе се нудат исклучиво со автоматски менувач и ветуваат идеална комбинација од перформанси и ефикасност бидејќи батеријата со капацитет од 12.4 kWh ќе овозможи автономија од 50-тина километри на електрична енергија.

Нарачките ќе бидат отворени оваа есен, а првите примероци ќе бидат испорачани на почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.