Супер-популарниот SUV на Dacia добива затегнување – а во него се вклучени освежен дизајн, нови технологии и мотори кои ги исполнуваат строгите Euro 6D стандарди.
Освежувањата започнуваат со визуелните измени – препознаваме нови предни светлосни групи со интегрирани дневни светла во форма на буквата Y (слично како кај новиот Sandero Stepway кој го возевме на почетокот на оваа година), редизајнирани предни и задни браници, како и нови задни светлосни групи кои сега имаат поинтересна графика. Задниот дел добива и нов спојлер, а дел од понудата се и нови алуминиумски тркала. Од Dacia напоменуваат дека козметичките измени се и функционални – па освежениот Duster е за нијанса поаеродинамичен во однос на претходникот.
Значително освежување има во кабината – воведени се нови материјали, редизајнирани седишта со подобрена ергономија, но и нова централна конзола меѓу предните седишта со USB приклучоци, нови места за складирање дребулии и нов централен наслон. Дополнително, подобрена е и технолошката опременост – па Duster добива и нов надграден мултимедијален уред со дијагонала од 8 инчи кој има и можност за Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Освежениот Duster може да се добие со 1.5-литарски турбодизел со 115 коњски сили кој испорачува 115 коњски сили и може да се добие со мануелен менувач и погон на предните или на сите четири тркала. Доколку сакате турбо-бензинец, тука е 1-литарскиот TCe со 90 коњски сили, или пак 1.3-литарскиот TCe со 130 или 150 коњски сили. Основниот бензинец и послабата изведба на 1.3-литарскиот мотор можат да се добијат само со погон на предните тркала, додека најмоќниот бензинец може да се добие со погон на сите четири тркала или со автоматски менувач.
Дополнително, Dacia го нуди Duster со Bi-Fuel верзија, односно ECO-G 100 варијантата која доаѓа со фабрички-вграден плински уред. Оваа верзија може да се добие со погон на предните тркала и мануелен менувач. Според Dacia, благодарение на двата резервоари за гориво, оваа верзија има автономија од импресивни 1235 километри меѓу две полнења!
Освежениот Duster ќе пристигне во салоните во текот на оваа година.