ПРЕМИЕРА: Porsche ја проширува понудата со новите GTS варијанти на 911! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche ја проширува понудата со новите GTS варијанти на 911!

Ако се прашуваме ние, токму GTS-варијантите на 911 се вистинскиот скриен скапоцен камен во 911-гамата – а Porsche денес ги претстави новите 911 Carrera GTS и 911 Carrera Targa GTS!

GTS изведбите можат да се пофалат со неколку подобрувања – 3-литарскиот твин-турбо боксер со шест цилиндри сега испорачува 30 коњски сили и 20 Nm повеќе во однос на „стандардниот“ 911 Carrera S – а тоа значи вкупно 480 коњски сили и моќни 570 Nm вртежен момент.

Во комбинација со 8-брзинскиот PDK автоматски менувач со двојна спојка, 911 Carrera GTS забрзува до 100 километри на час за 3.3 секунди, а во понудата е и мануелен менувач со пократок од, за уште поспортско чувство.

Дополнително, GTS може да се нарача со Lightweight Design Package кој вклучува карбонски седишта, полесно странично и задно стакло и полесен акумулатор, како и отстранување на задните седишта. Со овој пакет ќе ја намалите тежината за 25 килограми.

Секако, суспензијата е дополнително прилагодена (и пониска за 10 милиметри), а дел од Lightweight Design Package е и управување на задните тркала. GTS моделите ги добиваат и моќните сопирачки од 911 Turbo.

Инаку, GTS моделите ќе ги препознаете по црните детали на екстериерот, црните тркала со централно заклучување и спортските детали во кабината – и секако, неизбежните GTS ознаки. Нарачките се веќе отворени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.