KIA веќе подолго време го најавува новиот Sportage – односно најновата генерација на супер-популарниот SUV со кој корејскиот производител се наметна како навистина сериозен играч во сегментот – а сега ги имаме првите фотографии!
Она кое го гледаме денес е интернационалната верзија на Sportage, а од KIA најавуваат дека европската верзија ќе биде официјално претставена во Септември – но да бидеме искрени, не очекуваме да биде премногу различна од моделот на фотографиите.
Новиот Sportage ја следи Opposites United дизајнерската насока на KIA, но истовремено и ја носи чекор понатаму. На предниот дел забележуваме комплексни дизајнерски форми со нагласени и храбри дневни светла и ниско-поставени светлосни групи. На предниот дел доминираат големата маска на ладилникот, а го забележуваме и сосем-новото лого на корејскиот бренд.
Профилот е поконзервативен, но меките форми и линии на тековниот модел се заменети со остри и чисти површини и остри агли. На задниот дел едноставно доминира едноделниот светлосен елемент (кој влече инспирација од новиот електричен EV6) и повторно наметнува малку несекојдневен пристап кон нештата.
Во задниот браник и во страничните прагови се интегрирани дополнителни декоративни елементи кои на Sportage му даваат подинамичен лик. Оние кои сакаат уште поробустен Sportage ќе можат да го нарачаат X-Line пакетот со ревидирани браници, црни детали и понагласени кровни носачи.
Сега за сега немаме информации околу погонските единици, но очекуваме дека во Европа ќе биде понудена навистина широка гама на мотори – ги очекуваме одличните T-GDI турбо-бензинци и најновата генерација на CRDi турбодизели, но уште поинтересни се лајт-хибридните опции, како и плаг-ин хибридниот Sportage кој би требало да има околу 260 коњски сили.
Вистинска револуција се случува во кабината – препознаваме дизајнерски елементи кои се преземени од новиот Sorento, но интерпретацијата на кабината во Sportage е уникатна и подинамична во однос на големиот SUV каде повеќе акцент е ставен на луксузот. Забележуваме нова централна конзола со физички контролери, како и нов едноделен елемент кој ги спојува дигиталните инструменти пред возачот и централно-поставениот мултимедијален уред.
Сè на сè – кабината на Sportage изгледа темелно модернизирана, а очекуваме дека најновата генерација на супер-популарниот SUV ќе ги добие и сите модерни технологии кои KIA ги има во својот репертоар.