full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW го претстави електричниот i4, но и првиот електричен М-автомобил со ознаката i4 M50!

BMW денес ги објави сите детали за новиот i4 eDrive40 кој има 340 коњски сили, но и моќниот i4 M50 со максимални 544 коњски сили!

Задолжен за задвижување на новиот BMW i4 eDrive40 (да, името е маааалку комплицирано) е електромотор поставен на задната оска кој испорачува одлични 340 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Овој систем му овозможува на електричниот седан да забрза до 100 километри на час за 5.7 секунди и да постигне максимални 190 километри на час. Батеријата е со капацитет од 83.9 kWh, кои овозможуваат автономија до 590 километри според WLTP мерењата.

За ентузијастите поинтересен е i4 M50 – првиот електричен автомобил на М-дивизијата на BMW. Оваа верзија ја користи истата батерија, но користи два електромотори (едниот на предните, другиот на задните тркала) кои испорачуваат моќни 544 коњски сили и 795 Nm вртежен момент – доволни за лансирање „до стотка“ за само 3.9 секунди и максимална брзина од 225 километри на час. Автономијата кај оваа верзија е нешто помала – според WLTP мерењата, оваа верзија ќе може да помине до 510 километри со полни батерии.

И двете верзии можат да се полнат на моќни полначи со максимална моќност од 200 kW – а тоа значи дека со доволно брз полнач, батериите би се наполниле за околу половина час. Во однос на конвенционалната Серија 3 Седан, i4 има пониско тежиште за околу 50 милиметри, а добива и засебна суспензија, напредно електро-механичко серво-управување, ревидиран систем за стабилност и уште неколку други технологии.

Според BMW, напредните технологии „овозможуваат предностите на возењето со погон  на задните тркала да бидат воведени во електричната мобилност кај новиот BMW i4.“ i40 M50 добива и специјално-нагодена М суспензија, дополнителни зацврстувања, спортски браници и тркала и уште неколку други детали.

Поврзано:   Manhart MHX6 е тука за да го привлече вниманието на сите

BMW i4 добива и помодерна кабина во однос на Серијата 3 – на конзолата се поставени два големи екрани – еден пред возачот наменет за инструментите, еден на централната конзола наменет за мултимедијалниот уред. Екранот пред возачот е со дијагонала од 12.3 инчи, додека екранот на централната конзола е со дијагонала од 14.9 инчи. Екраните се соединети во заеднички панел покриен со нерефлективно стакло.

Дел од приказната е и Хед-Ап дисплеј, како и Android Auto и Apple CarPlay поврзување. i40 M50 ги добива и спортските седишта од новите M3 и M4, како и уште неколку други спортски елементи – контрастни шевови и слично.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.