ПРЕМИЕРА: Cupra го претстави електричниот Born! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Cupra го претстави електричниот Born!

Cupra – спортскиот под-бренд на шпанскиот SEAT – го претстави електричниот Born, за кој кажуваат дека е импулс на новата ера.

Електричниот Cupra Born е поставен на MEB платформата на Volkswagen групацијата. Секако, иако дели многу компоненти со други модели во рамките на групацијата, Cupra Born се истакнува и преку поагресивниот дизајн, но и по нијанса повеќе моќ и подинамични управувачки карактеристики.

Визуелно, Cupra Born е многу сличен – или, скоро идентичен – со El Born концептот претставен минатата година. Во однос на браќата од концернот, Born има значително подинамичен и поагресивен лик – широкиот браник, аглестите предни и задни светла, како и задниот дифузер – сите тие детали на Born му даваат значително понаметлив став.

Кабината добива засебна графика за дигиталните инструменти, како и 12-инчен мултимедијален уред. Во кабината се користени потемни бои, а забележуваме и бронзени детали како кај другите модели на Cupra. Не се изоставени ниту високите технологии – на пример, поопремените верзии ќе добијат и надграден Head Up дисплеј кој користи augmented reality систем за визуелен приказ на елементите. Кабината добива и спортски седишта обвиени во рециклирани материјали.

На самиот почеток ќе се нудат неколку изведби на Cupra Born – првата со 150 коњски сили и 310 Nm вртежен момент, втората со 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент. Основната користи батерија со капацитет од 45 kWh, која овозможува автономија од 340 километри. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 8.9 секунди.

Оние кои сакаат подобри перформанси ќе ја одберат втората верзија со капацитет од 58 kWh. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 7.3 секунди и поминува 420 километри со полни батерии. Интересна е опцијата за e-boost изведба со 231 коњска сила која ја користи истата батерија и поминува идентични 420 километри, но забрзувањето до 100 километри на час трае 6.6 секунди.

За оние кои сакаат да патуваат кон подалечни дестинации, тука е Cupra Born со батерија со капацитет од 77 kW, која се комбинира со e-boost моторот. Оваа верзија може да помине 540 километри со полни батериии. Во зависност од изведбата, Cupra Born може да се полни и на брзи полначи со моќност до 125 kW – а тоа овозможува полнење од 5% до 80% за околу 35 минути, а 100 километри автономија би се добиле за само 7 минути полнење.

Интересно е дека не е исклучена ниту уште помоќна верзија – бидејќи сепак Cupra е бренд ориентиран кон перформансите. Cupra Born ќе започне да се произведува во Септември, во фабриката на Volkswagen во Цвикау, Германија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.