ПРЕМИЕРА: Ferrari ги претстави врескачките 812 Competizione и кабриолетот Competizione A – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari ги претстави врескачките 812 Competizione и кабриолетот Competizione A

Специјалните 812-модели кријат атмосферски V12 кој  „врти“ до стратосферски 9500 вртежи во минута – и притоа испорачува 830 коњски сили и 695 Nm вртежен момент!

Како и обично, кога зборуваме за Ferrari, прво мораме да зборуваме за моторот. Под поклопецот на овие две специјални изведби се крие најновата верзија на 6.5-литарскиот атмосферски V12 на Ferrari кој сега е „дотеран“ да испорачува моќни 830 коњски сили и одлични 695 Nm вртежен момент. А да, и „врти“ до скоро неверојатни 9500 вртежи во минута!

Според Ferrari, многу од внатрешните компоненти се сменети или доработени за да бидат полесни и поиздржливи, за моторот да може да го издржи тој режим на работа. Силата се пренесува кон задните тркала преку рекалибриран 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка – а резултат на сето тоа е 100 километри на час за само 2.85 секунди и максимална брзина која е повисока од 340 километри на час.

Секако, приказната не завршува таму – па завршетоците на издувниот систем кои се поставени во самите агли на задниот дел дозволуваат централно да биде поставен голем дифузер кој придонесува за дури 25% од вкупното зголемување на потисната сила во однос на „обичниот“ 812. Секако, тука е и задниот спојлер, како и предните аеро-додатоци кои ја подобруваат аеродинамиката. Интересно, кај 812 Competizione, задното стакло е целосно затворено, а тоа овозможува дополнителни подобрувања во аеродинамиката – тука се вортекс-генераторите кои го регулираат течењето на воздухот и ги подбруваат ефикасноста на спојлерот и на дифузерот.

Меѓу другото, новите модели го добиваат и најновиот Side Slip Control v7.0, нов систем за управување на задните тркала кој овозможува независно контролирање на задните тркала, како и специјални Michelin Cup 2 R пневматици и карбонски тркала. Од Ferrari кажуваат дека тежината на 812 Competizione е намалена за цели 38 килограми во однос на Superfast.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот 12Cilindri го носи најмоќниот 12-цилиндерски мотор во историјата на Ferrari!

Е сега… Колку чини сето ова? Не знаеме – од Ferrari не откриваат ниту која е цената, ниту колку примероци ќе бидат произведени. Но ако мораме да шпекулираме, претпоставуваме дека првата бројка ќе биде екстремно висока, додека втората ќе биде прилично ниска. За првата да биде оправдана.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.