Пристигнаа новите Jaguar F-Pace и E-Pace во салонот на Automobili Group! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Пристигнаа новите Jaguar F-Pace и E-Pace во салонот на Automobili Group!

Неодамна освежените луксузни SUV модели на Jaguar се веќе и кај нас – во салонот на Automobili Group се изложени освежените F-Pace и E-Pace.

Со освежувањето, F-Pace добива нови предни светла, редизајнирани преден и заден дел со нови браници, нов поклопец на моторот со отвори за воздух и многу други визуелни детали. Кабината добива целосно-редизајнирана централна конзола со 11.4-инчен мултимедијален уред, нов инфозабавен систем со поддршка за безжични Apple CarPlay и Android Auto.

Пред возачот е поставен нов, 12.3-инчен панел со инструментите, а препознаваме и нови материјали, нови текстури и нови бои. „Кружната“ рачка од автоматскиот менувач е заменета со поконвенционална, а забележуваме и многу други редизајнирани елементи. Меѓу другото, F-Pace добива и систем за намалување на бучавоста од патот и моторот кој користи активна Noise Cancelling технологија.

Jaguar сериозно ја прошири и понудата на погонски единици – сега е достапен нов P400 плаг-ин хибрид со 400 коњски сили, кој постигнува 100 километри на час за 5 секунди, а тука се и новите шест-цилиндерски Ingenium мотори со лајт-хибридни технологии. Плаг-ин хибридниот F-Pace P400 комбинира 2-литарски турбо-бензинец со електромотор, за да постигне врвни перформанси и исклучителна економичност.

Бензинците се со моќност од 250 до 400 коњски сили, додека турбодизелите се со моќност од 163 до 300 коњски сили. Сите верзии доаѓаат со погон на сите четири тркала и 8-брзински автоматски менувач.

Покрај супер-популарниот F-Pace, Jaguar подготви освежување и за E-Pace. Естетските корекции тука се подискретни – забележуваме нов и подинамичен браник, нова маска на ладилникот, нови предни светла со LED технологија и Double-J дневни светла и уште неколку други ситни корекции. На задниот дел препознаваме задни светла со изменета графика, како и нови декоративни елементи во браникот.

Најважните измени се во кабината, каде инженерите на Jaguar работеле на подобрување на звучната изолација и чувството на рафинираност, но и на технологиите кои се вградуваат во компактниот премиум SUV. E-Pace го добива новиот Pivi Pro инфозабавен мултимедијален уред, а добива и нови контроли за некои од функционалностите, како и нови материјали во кабината. Листата на освежувања во ентериерот ја заокружуваме со новиот, редизајниран спортски управувач. Кабината добива и нов систем за јонизација кој успева да елиминира голем процент од PM 2.5 честичките – а со тоа значително ја подобрува добросостојбата на патниците.

Поврзано:  Jaguar ја најавува својата иднина со контроверзниот и спектакуларен концепт Type 00

Во однос на оние работи кои не ги гледаме – E-Pace добива подобрена суспензија со која е се подобрени и управливоста и комфорот, а намалени се вибрациите кои се пренесуваат во кабината. Како и досега, E-Pace ќе може да се добие со турбо-бензински мотор, или пак со турбодизел. Основниот, 2-литарски турбодизел испорачува 163 коњски сили и може да се добие со шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала. Понатаму, истиот мотор може да се добие со лајт-хибридни технологии и во конфигурации со 163, односно 204 коњски сили, автоматски менувач и погон на сите четири тркала.

Понудата на бензинци започнува со новиот, 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој добива 8-брзински автоматски менувач и погон на предните тркала. Скалило погоре е 2-литарскиот турбо-бензинец кој може да се добие во неколку различни конфигурации – со 200, 250 или пак 300 коњски сили, овој пат во комбинација со 9-степен автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Оваа изведба ја добива и најновата генерација на Active Driveline AWD системот за погон на сите тркала, кој супер-брзо може да го дистрибуира вртежниот момент онаму каде најефикасно ќе го пренесе кон подлогата.

Целосно-нов е 310-коњскиот плаг-ин хибриден E-Pace кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 200 коњски сили, со електромотор и батерија со капацитет од 15 kWh, за вкупна системска моќност од 310 коњски сили, автономија на струја од 55 километри, како и екстремно ниска потрошувачка на бензин од само 2 литри на 100 изминати километри.

Новите F-Pace и E-Pace се веќе изложени во салонот на Jaguar во Скопје.

Поврзано:  Jaguar C-X75 повторно се враќа


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.