Новите Q4 e-Tron и Q4 Sportback e-Tron на Audi се првите модели на германскиот премиум бренд базирани на MEB платформата наменета за електрични возила.
Новите електрични возила на Audi ќе се нудат со три различни погони. Ознаките кои ќе ги носат се Q4 35, Q4 40 и Q4 50 e-Tron. Во зависност од изведбата, ќе нудат 170, 204 или 299 коњски сили. Првите две верзии се со погон на задните тркала, додека најмоќниот Q4 50 e-Tron е со погон на сите четири тркала, забрзува до 100 километри на час за 6.2 секунди и постигнува максимални 180 километри на час. Основниот модел е со батерија од 52 kWh, додека помоќните две изведби се со батерија од 77 kWh.
Рекордер во однос на автономијата е „средната“ изведба – Q4 e-Tron – која се очекува дека според WLTP мерењата ќе може да помине до 520 километри со едно полнење на батериите.
Инаку, новите Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback воведуваат нова дизајнерска насока кај Audi. Дизајните се нагласено футуристички, но истовремено се со помеки линии. И двата автомобили изгледаат мускулесто и моќно – тркалата се „избркани“ кон краевите на автомобилите и надвисоците се кратки. На предниот дел доминира „маската“ која ги спојува предните светла, поклопецот каде би стоела маската на ладилникот и страничните отвори на воздух, додека на задниот дел вниманието оди кон едноделниот светлосен елемент.
Интересно – подобрата аеродинамика кај Q4 e-Tron Sportback поради купеовската линија – му овозможува на електричниот SUV околу 10 километри поголема автономоија во однос на обичниот Q4 e-Tron. Кај новите модели дебитираат и новите, прилагодливи Matrix LED предни светла со дневни светла кои овозможуваат персонализација.
MEB архитектурата овозможува просторна кабина – батериите се поставени во подот, па Q4 e-Tron може да се пофали со багажник со капацитет од 520 литри. Кај овие автомобили дебитира и новиот систем на надградена реалност на Audi. Овој систем не само што проектира информации на хед-ап дисплеј, туку може да постави „стрелки“ за навигација онаму каде возачот треба да сврти. Системот симулира огромен, 70-инчен екран поставен 10 метри пред возачот.
На централната конзола е поставен нов, 11.6-инчен MMI мултимедијален екран кој е насочен кон возачот, а стандардно ќе се вградува 10.1 инчен дисплеј, како и 10.25-инчен панел со инструменти пред возачот. За аудиофилите – тука е новиот аудио систем развиен во соработка со компанијата Sonos која е основана во раните 2000-ти години и развива интегрирани, напредни аудио системи.
Секако, новите Audi Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback доаѓаат и со напредни системи за полнење. Од Audi кажуваат дека со пристап до доволно брз полнач, со само 10 минути полнење ќе се добијат дополнителни 208 километри автономија.
Продажбата на новиот Q4 e-Tron во Европа ќе започне во Јуни, а Sportback изведбата ќе стане достапна во текот на летото.