ПРЕМИЕРА: SEAT ја претстави освежената Ibiza – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: SEAT ја претстави освежената Ibiza

Seat неодамна ги најави освежените Ibiza и Arona – па ајде прво да го разгледаме освежениот хечбек.

Визуелните измени кај Ibiza се прилично дискретни – сега сите верзии ќе добијат LED светла, а се воведуваат и нови дизајни за 16, 17 или 18-инчните тркала. Се воведуваат и две нови бои – Sapphire Blue и Asphalt Blue, а на задниот дел добиваме и нова „ракописна“ моделска ознака.

Најважните измени се во кабината – Ibiza добива целосно-редизајнирана централна конзола со нов централно-поставен мултимедијален уред. Во зависност од нивото на опрема, ќе добиете 8.25 или 9.2-инчен дисплеј со Full Link поврзување со Apple CarPlay, Android Auto и Seat Connect услуги. Врвните изведби добиваат и 10.25-инчен дигитален панел со инструменти пред возачот.

Инаку, Ibiza добива и нови, помеки и поквалитетни материјали во кабината, осветлени отвори за вентилација, како и нов управувач обвиен во Nappa кожа. Со освежувањето, Ibiza добива и грст нови технологии – Side Assist, High Beam Assist и Travel Assist за делумно-автономно управување. Особено нè радува целосното отстранување на пијано-црните детали.

Во однос на погонските единици, освежената Ibiza ќе се нуди со шест различни мотори. Во понудата ќе најдете пет бензинци кои нудат меѓу 80 и 150 коњски сили, како и мотор кој работи на природен гас и испорачува 90 коњски сили. Како и секогаш – во зависност од избраниот мотор, секако – Ibiza ќе можете да ја нарачате со мануелен или DSG менувач со двојна спојка. Најмоќниот мотор во понудата е 1.5-литарскиот EcoTSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили и 250 Nm вртежен момент.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.