full screen background image
Search

Jeep претстави четири концепти, меѓу кои е и електричниот Wrangler кој се вика Magneto!

Jeep подготви четири концепти за 2021 Easter Jeep Safari – и најинтересниот концепт е електричниот Wrangler кој се вика – верувале или не – Magneto!

Електричниот Magneto е поставен врз основата на одличниот Rubicon и користи четири батериски модули. Батериите се распоредени околу целиот автомобил и се со капацитет од 70 kWh, a за погон е задолжен електромотор кој испорачува 285 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Интересно, силата се пренесува преку 6-степен мануелен менувач, кој пак овозможува експлоатацијата да е идентична како кај мотор со внатрешно согорување. Според Jeep, Magneto забрзува до 100 километри за малку под 7 секунди.

Понатаму, тука е Wrangler Orange Peelz кој добива специјална портокалова боја и ветробранско стакло од Corning Gorilla Glass. Добива и специјални додатоци, меѓу кои и кит за подигнување на шасијата, теренски пневматици и многу други ситници. Под поклопецот е 3.6-литарски V6 кој испорачува 285 коњски сили и 353 Nm кон сите четири тркала преку 8 брзински автоматски менувач.

За оние кои сакаат да надминат сериозни теренски предизвици, тука е Gladiator Rubicon Red Bare. Овој концепт добива специјални оски, челични браници, специјални заштитни панели и BF Goodrich пневматици. Овој концепт го придвижува 3-литарскиот EcoDiesel V6 кој испорачува 260 коњски сили и моќни 600 Nm вртежен момент.

Конечно, тука е и Jeepster Commando Beach, кој е всушност C101 произведе во 1968-мата година. Овој Jeepster е темелно реставриран и модернизиран, па добива затегнат дизајн, специјална боја, модернизиран ентериер и 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 350 коњски сили и 500 Nm вртежен момент.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Jeep ги претстави новите големи Wagoneer и Grand Wagoneer

Овие концепти покрај тоа што ги покажуваат можностите за персонализација и надградба на моделите на Jeep, ја навестуваат и иднината. Jeep веќе најави дека сака да е најеколошкиот 4×4 бренд на светот и во понудата веќе нуди одлични плаг-ин хибридни модели (ние веќе го возевме Compass 4xe и се уверивме во неговите таленти), а сигурни сме дека Magneto еден ден ќе отиде во сериско производство.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.