full screen background image
Search

Обраќање на техничкиот директор на Мерцедес за ситуацијата во Ф1 за 2021 година

Техничкиот директор на Mercedes – Џејмс Алисон – даде изјава за новата сезона во Формула 1.

Изјавата ја пренесуваме целосно:

Во последните три години го објаснував болидот и сите измени кои ги правевме на него. И тоа секогаш со стариот и новиот болид, па можев директно и да ви покажам каде се разликите од едниот до другиот и каков прогрес сметаме дека сме направиле.

Но, годинава пред мене го имам само W12. За да ви објаснам зошто немам друг болид освен овој до мене треба да се навратиме на пролетта 2020 година кога Ковид започна да ја презема сезоната.

По откажувањето на Мелбурн, која беше предвидено да е првата трка од сезоната, јасно беше дека ќе има големи измени во целата сезона. Мораше да се реагира разумно и промислено. Ние заклучивме дека нема да е проблемот само во 2020та година, туку веројатно и понатаму. Сенката на Ковид опстојува и годинава, како што гледаме.

Целиот спорт направи големи измени и одлуки со цел да се преживее во екот на оваа пандемија. Најголемата одлука што се донесе беше дека може да се користат делови од една година, во следната. Со тоа р’бетот, односно структурата на болидот ќе биде иста во 2020та и во 2021ва година. Па со тоа овој W12 кој е пред мене, ви е доста познат. Кабината за возачот е потполно иста.  Преносот позади е истиот. Системот за гориво е истиот. Хидрауличните компоненти се истите. Да не ги набројуваме безбројните компоненти кои се само ископирани од лани.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави својот нов електричен знаменосец - високо-технолошкиот EQS!

Иако огромен број од деловите се исти од лани, тоа воопшто не значи дека тоа е истиот болид од лани. Архитектурата и структурата е иста, но многу голем дел од перформансите се променети. Комплетниот пакет за аеродинамика е нов. Моторот е комплетно нов. Разладниот систем исто така е сосема нов дизајн. Ова се тие разлики кои прават еден болид да е различен од друг кога ќе излезе на патеката. Не само што ги имаме овие компоненти дизајнирано во оваа најтешка година за Ф1 заради пандемијата, туку и во година која има многу измени  во правилата, и не само измени за таа година, туку и најавени големи измени во правилата и за следната година.

Во минатата година 2020та забележавме дека болидите стануваа малку пребрзи за патеките. А згора на тоа и пребрзи за пневматиците. Затоа беше круцијално малку да се успорат болидите, и одлучивме во Ф1 како целина тоа да се напави преку аеродинамиката. Затоа и правилата за оваа година имаат толку измени во пакетот за аеродинамика. Промената не изгледа голема на прв поглед, но процентуално тоа се огромни промени доколку се гледа само делот кој е задолжен за аеродинамика на болидот.

Според тимот за аеродинамика ова е богохулење, бидејќи со ова се симнаа аеродинамичките перформанси на болидите на ниво како во 2019та. Секако дека иако правилата го налагаат тоа, ние со многу тестирања и истражувања имаме направено прогрес во тој поглед. И тоа беше многу интересно и беше вистински предизвик. Резултатот веруваме дека ќе е болид кој ќе е неверојатно брз и покрај ускратувањата.

Поврзано:   Секој нов модел на Mercedes од 2025 ќе добие своја електрична верзија

На средината на болидот се наоѓа моторот. Како што ви посочив тоа е комплетно нов мотор. Всисните канали се редизајнирани, и моторот е тјуниран согласно нив да произведе уште повеќе коњски сили. Само не е се толку едноставно. Сето ова мораше да се направи во време на многу интересни регулаторни околности. Во претходните години имавме три фази на развој на моторот и со текот на сезоната тој стануваше помоќен како што откриваме нови можности за измени и тјунирања. Овој пат правилата диктираат дека ќе има само една можност за мотор и нема да има измени понатаму. И затоа мораше да се обрне особено внимание при развојот за што е можно повеќе идеи се имплементираат уште веднаш.

Друга разлика во 2021 година е што имаме нови пневматици (гуми). Како што знаеме ланските гуми беа на граница на своите можности, и голем дел од сезоната се сведе на нивно зачувување за да може да истераат до крајот на трката. Немаме којзнае какви информации од двата теста што се одржаа за нив, но се надеваме дека измените ќе се позитивни.

Затоа ми е чуден овој W12. Кога го гледам мозокот ми вели дека е ланскиот болид и му ги знам сите маани и предности. Но, разумот вели дека воопшто нема да е исто како лани. Нема да биде како да си го облекол ланскиот капут, за нова зима. Ова ќе биде сосем нова врска меѓу нас (болидот и мене) и јас пред се сум многу возбуден. Имам огромна доверба во него, но истовремено знам дека таа доверба не е воопшто сигурна или реална. Се што останува е да се надевам дека овој болид ќе се покаже барем на исто рамниште со тој од 2020та година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.