Jaguar претстави два спектакуларни реставрирани примероци од E-Type – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar претстави два спектакуларни реставрирани примероци од E-Type

Откако минатото лето најави дека на специјален начин ќе ја прослави 60-годишнината на легендарниот E-Type, Jaguar ги претстави првите спектакуларно-реставрирани примероци од спортскиот автомобил.

Jaguar ќе подготви шест парови по два автомобили – едно купе и еден роудстер. Првите два примероци се купе возено од Обединетото Кралство до Женева за официјалното деби на моделот на тој саем, како и RW роудстер донесен следниот ден за тест-возења.

Купе-примероците ќе бидат во Flat Out Grey боја со црн ентериер, додека роудстерите ќе бидат во Drop Everything Green со зелен ентериер. Од Jaguar напоменуваат дека овие бои се инспирирани од боите кои се користеле во 1961-вата година и дека никогаш повеќе нема да ги употребат за други автомобили.

Инаку, реставрираните модели добиваат и уникатни логоа, прекинувач за сирената изработен од 24-каратно злато како и модерни инфозабавни уреди.

Под поклопецот се крие 3.8-литарски 6-цилиндерски мотори кој испорачува 265 коњски сили, кој е дополнително освежен со модерни технологии за полесно секојдневно користење (иако, да не се лажеме, овие автомобили нема да се користат секојдневно), како и модерен 5-степен мануелен менувач специјално развиен за славеничите модели.

Jaguar најави и специјално возачко искуство за шестмината сопственици на овие автомобили и нивните гости – следното лето, сопствениците и нивните автомобили ќе направат своевиден „аџилак“ од Ковентри до Женева и ќе ги искусат истите алпски превои и спектакуларни погледи како и автомобилите кои беа возени по истата рута пред официјалното претставување во 1961.

Дополнително, како дел од прославата, Jaguar подготви и специјални часовници во соработка со британскиот производител Bremont, како и специјално виски од Glenturret. Овие подароци се во британскиот дух на E-Type и ја зацврстуваат врската меѓу легендарниот автомобил и британските мајстори. Часовникот чини 13.000 фунти, додека едно шише од славеничкото виски чини „само“ 1500 фунти.

Поврзано:  Jaguar го произведе последниот F-Type


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.