Jaguar Land Rover одново ја дефинира иднината на модерниот луксуз! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar Land Rover одново ја дефинира иднината на модерниот луксуз!

Новиот извршен директор Thierry Bollore постави нова цел – а тоа е нула карбонски емисии до 2039 и забрзано насочување кон електрификацијата – до крајот на декадата сите модели на Jaguar и Land Rover ќе бидат достапни како електрични автомобили!

Трансформацијата на Jaguar Land Rover започнува. Извршниот директор на JLR – Thierry Bollore – денес објави дека Land Rover ќе добие шест нови целосно-електрични изведби на моделите во следните пет години, и дека првиот целосно-електричен Land Rover ќе пристигне во 2024.

Според Bollore, новиот Reimageine план има една јасна цел – а тоа е „квалитет пред бројки“, односно JLR сака да стане „производител на најпосакуваните возила наменети за најпребирливите купувачи.“ Овој став всушност значи дека JLR нема слепо да „брка бројки“ на продажба, туку на клиентите ќе им понуди високо-квалитетно искуство низ целиот тек на поседувањето на едно возило.

Брендовите ќе добијат и соодветно репозиционирање – Jaguar ќе се фокусира на трансформирање во електричен бренд, додека Land Rover ќе го задржи својот off-road карактер но уште повеќе ќе цели кон повисоките сегменти. Според Bollore, „Jaguar и Land Rover ќе имаат две јасно-одвоени личности, вкоренети во нивната богата историја и ќе им понудат два посебни избори на клиентите.“

Со цел да ја поддржи транзицијата, JLR ќе користи три засебни архитектури – две посветени на Land Rover, како и една целосно-електрична која ќе биде ексклузивна за Jaguar. Идните модели на Land Rover ќе бидат поставени на Modular Longitudinal Architecutre платформата која овозможува користење како на мотори со внатрешно согорување, така и на електрични мотори. Понатаму, Land Rover ќе ја добие и „наклонетата кон електрификација“ Electric Modular Architecture платформа која поддржува „мотори со внатрешно согорување со напредна електрификација.“

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Octa има твин-турбо V8 со 635 коњски сили!

Но кои се всушност конкретните планови? До крајот на оваа декада дури 100% од продадените примероци на Jaguar ќе бидат целосно-електрични, додека кај Land Rover учеството на електрични модели ќе биде 60%. Bollore потврди дека дизелските погони ќе бидат напуштени до 2026 и дека се прават големи инвестиции во технологии за водородни горивни ќелии.

Дополнитело, Bollore потврди дека Jaguar е поголемиот предизвик во оваа трансформација. Според него, продажбата на Jaguar е опадната поради понудата на седани и дизелски мотори. Bollore потврди дека Jaguar ќе помине низ „драматична трансформација која ќе му овозможи да зафати нова, луксузна п озиција на пазарот и да го оствари уникатниот потенцијал не само за клиентите, туку и за самиот бизнис“.

Трансформацијата на Jaguar Land Rover е во полн ек – новите платформи кои денес беа најавени, новите технологии кои веќе се вградуваат во моделите на JLR, како и врвниот дизајн (најдете еден тековен модел на JLR кој не изгледа убаво, ве предизвикуваме) се силни аргументи за легендарните британски производители. Дополнително, со новиот, тукушто-најавен фокус кон поагилно работење, очекуваме JLR подготвено и брзо да одговори како на новите предизвици на пазарот, така и на барањата на клиентите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.