На прв поглед личи дека нема многу да се менуваат правилата во Ф1 2021 со оглед на тоа што шасијата од 2020 година ќе се вози и оваа година. Доаѓањето на одложените и радикални прописи е оставено за 2022 година. Но, ако разгледаме подетално и ќе најдеме мали, но значајни додатоци и измени за оваа сезона.
Еве што треба да знаете за Ф1 во 2021 година:
1. Промени во подот на болидите
Најочигледна визуелна промена што љубителите на Ф1 ќе можат да ја забележат во 2021 година е промената на обликот на подот на болидите. Во последниве години, видливиот дел од подовите, кога се гледа одозгора, изгледаше правоаголно, со различни надолжни и странични засеци кои извираа од нив. Овие засеци беа користени од тимовите за да се зголеми количината на всисна моќ создадена во близина на рабовите на подот, создавајќи посилно вшмукување подболидот, како и фино подесување на вителот што се формира на работ на подот за понатамошно подобрување на ground effect прилепувањето.
Овие слотови се намалија за оваа година – прописите наведуваат дека целиот под сега мора да биде цврст – и ќе има триаголни пресеци на задниот дел, со што дополнително ќе се намали површината за создавање на ground effect прилепувањето.
2. Скратени се крилцата на задниот канал кај сопирачките
Заедно со промените на подот, помала промена за 2021 година ќе биде промената на крилцата на задниот канал за сопирачки на болидите, со тоа што овие крилца на долната половина на каналите ќе бидат намалени во должина од 40мм – 80мм, додека горните крилца остануваат на 120мм. Овие крилца може да бидат мали, но тие создаваат воздушен притисок што се напојува директно од тркалата, и затоа е многу ефикасен.
3. Намалени огради за дифузери
Последната промена во овој пакет на измени (пакет за намалување на воздушен притисок правила 1,2,3) е скратување на оградите на дифузерот – оние вертикални ленти што ги гледате како висат на задниот дел од дифузерите на болидите – кои ќе бидат намалени за 50 mm.
Тоа како и отстранувањето на тие подни отвори, кратењето на овие огради ќе ја намали ефикасноста на припојувањето до подот, што дополнително ќе ги намали силите кои го притискаат болидот надолу.
4. Воведено ограничување на трошоците
Без сомнение, најголемата промена во правилата за 2021 година е воведувањето на првата граница на трошоците во Формула 1. Оваа сезона е поставен лимит од 145 милиони долари – иако всушност ќе биде 147,4 милиони долари, со тимови кои предвидуваат дополнителни 1,2 милиони долари по трка. Понатаму е предвидено границата да се намалува на 140 милиони долари во 2022 година и 135 милиони долари за 2023 година.
Ова ограничување ги опфаќа сите аспекти на водење на тим во Формула 1, со некои исклучоци: трошоците за маркетинг, возачите и платите на трите највисоки заработувачи во тимо. Ниту трошоците за мајчинството, татковството и боледувањето на вработените, како и трошоците за медицински бенефиции за тимскиот персонал и пакетите за технолошки вишок.
Исто така, на тимовите им е дозволено да имаат трошоци од 45 милиони долари во врска со „капитални трошоци“ – за работи како набавка на машини за нивните фабрики – од сега до крајот на 2024 година.
5. Нова скала за аеродинамичко тестирање
Друг нов развој за 2021 година е моментот дека ќе се воведе регулатива за аеродинамичко тестирање со лизгачка скала – особено важен фактор со оглед на тоа што оваа година тимовите ќе ги финализираат болидите што ќе ги пласираат во 2022ра година, кога ќе започне револуционерната построга регулатива.
Едноставно, колку пониско завршува тимот во шампионската табела во 2020 година, толку повеќе време ќе им биде дозволено да ја усовршат аеродинамиката на нивниот болид за 2022 година, било да е тоа во тунелот за ветер или со нивните симулации за компјутерска динамика на флуиди. За пример Мерцедес има најмалку време за симулација во 2021 година 90% од стандардното време, додека Вилијамс најмногу 112.5% од стандардното доделено време за тест. Тие промени, во меѓувреме, ќе бидат уште поизразени од 2022 година натаму со тоа што првите во шампионатот би имале 70%, а последните 115% од стандардното доделено време за тестирање.
6. Зголемени минималните тежини на болидите и моторите
Има мало зголемување на минималната тежина годинава. За болидите во нивна состојба без гориво – тежината се зголемува од 746 кг во 2020 година на 752 кг во 2021 година – и минималната тежина на моторите – од 145 кг во 2020 година на 150 кг во 2021 година. Оваа промена може делумно да се објасни како обид да се обесхрабрат тимовите да користат егзотични – и, за некои помали тимови, премногу скапи материјали за заштеда на тежина.
7. Намалено копирање на делови
Малку спорна точка за 2021 година, имајќи предвид дека шасијата е пренесена од 2020 година до оваа година. Правилата сега наведуваат дека иако е дозволено да се биде инспириран од дизајнот или концептот на болидот на ривалскиот тим (во регулативата наречени „Наведени компоненти на тимот“), какви било информации што се користат за да создадете делови за вашиот болид мора да бидат достапни за сите конкуренти и да се добиваат само на настани или тестови – т.е. преку употреба на стандардна фотографија, набудување, видеа и слично, односно тимовите да не можат да склучат договори за пристап до „Наведени компоненти на тимот“ на друг конкурент.
Дополнително, донесена е забрана за употреба на 3Д камери за скенирање на делови на другите тимови.
8. Пирели се подготви да донесе нови смеси за пневматици
Пирели имаат за цел да донесат поиздржливи соединенија во 2021 година, со нивниот раководител на Ф1 и автомобилски трки Марио Исола, кој им рече на медиумите во Сакир минатата година дека нивната цел е да ја подобрат сегашната конструкција на пневматикот за да имаат повеќе интегритет. Ова доаѓа откако Пирели ги измери некои од најголемите сили во свиоците во Ф1 во 2020 година, за кои рекоа дека биле причина за трите несреќи со откажување на гумите во Британија минатата година.
Пирели смета дека промените се вистинскиот начин за прогрес, бидејќи дури и со намалувањето на силата на спојлерите од околу 10%, тимовите се уште очекуваат да зграбат околу 5% повеќе перформанси со нивниот вообичаен развој во текот на зимата, со тоа што Пирели реши да ги засилува пневматиците за да се справат со товарот кој неизбежно доаѓа. – вели Николас Томбазис.
Возачите, во меѓувреме, беа во можност да тестираат некои од предложените соединенија за 2021 година на голем број бесплатни сесии за вежбање во 2020 година.
9. ДАС е забранет
Долгоочекуваните измени што ќе влијаат само на еден тим во 2021 година е забраната на системот за управување со двојна оска на Мерцедес. (ДАС) Во 2020 година се појавија Луис Хамилтон, Валтери Ботас и Џорџ Расел, со можност да ги притиснат и да ги повлечат воланите за да ги променат нивоата на камбер (агол) на предните гуми, помагајќи при загревање на гумите, намалено абење на пневматиците на правците и поголема агилност во кривулестите делови на патеката.
10. Автоматско доделување на гуми
Со промена на регулативата, се воведе стандардизирана распределба на гуми за 2021 година: два комплети тврди гуми, три комплети медиум и осум комплети меки по тркачки викенд. -„освен ако не е поинаку определено од ФИА и со договор на Пирели“
Периодот за тимовите да бидат известени за кои соединенија на гуми ќе бидат достапни за која трка беше – 9 недели за европски настани, 15 за надвор од Европа – за 2021 е драматично намален на само 2 недели за кој било настан.
11. Сите сесии за вежбање сега се лимитирани на 60 минути
Првите две тренинг сесии за време на викендот, FP1 и FP2, традиционално беа поставени на 90 минути одеднаш, со сабота за слободни тренинзи 3 на 60 минути.
За 2021 година, тоа е променето така што и FP1 и FP2 сега се по 60 минути, a FP3 исто така останува на 60 минути. Тоа едночасовно намалување на времето за вежбање ќе ги принуди тимовите да прават поинтензивни активности за да ги внесат своите болиди во поставеното место за квалификациите и трката.
12. Дозволени се нови материјали
Формула 1 секогаш сака да ги прифати растечките технологии, се овозможи во Техничките регулативи да им се овозможи на новите „зелени“ материјали да добијат улога во спортот – со тоа FIA даде зелено светло за лен, коноп, памук и бамбус да се најде во Ф1. Чекаме да видиме како тимовите ќе ја искористат оваа посебна регулатива.
Автор: Дејан Маликовски