ИНТЕРВЈУ: Д-р. Златко Муцунски, Порше Македонија – Што подобро ги запознаеме електричните возила, неизбежно е да ги засакаме. Останатото е лесно. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Д-р. Златко Муцунски, Порше Македонија – Што подобро ги запознаеме електричните возила, неизбежно е да ги засакаме. Останатото е лесно.

Volkswagen групацијата е еден од најголемите светски играчи на автомобилскиот пазар, а таа улога ја продолжува и кога станува збор за електрификацијата. Зборувавме со Д-р. Златко Муцунски, Генералниот Директор на Порше Македонија токму за електричните возила и сè поголемата понуда на ваквите автомобили на нашиот пазар.

Гамата на брендови во рамките на Volkswagen групацијата самата по себе наметнува широка гама на електрични и електрифицирани модели. Со оглед на популарноста која брендовите на германската групација ја уживаат на нашиот пазар, одлучивме да зборуваме со Д-р. Златко Муцунски, генералниот директор на Порше Македонија.

Volkswagen групацијата направи сериозни чекори кон електрификацијата – ја зголеми понудата на лесни хибриди, плаг-ин хибридни возила како и електрични возила. Со оглед на оваа драстична промена, какви се локалните предизвици со кои се соочувате?

ЗМ: Електрификацијата на понудата на возила е неминовна – заради сè построгите еколошки норми од една страна и заради системски наметната неможност за брзи и драстични промени на големите системи на автомобилските производители. Во овој контекст нагласуваме дека Вашата констатација – дека електрификацијата е драстична промена – е повеќе од точна. Ние како Порше Македонија се прилагодуваме на условите во кои работиме.

Нашата главна дејност е продажба и одржување на возила и во овие области сме компетентни. Од гледна точка на субјект на пазарот, како локални предизвици со влијание врз електрификацијата на автомобилите ги издвојуваме следните 3 групи: навиките на просечниот купувач на возила, степенот на развиеност на инфраструктурата за полнење како и законските регулативи и третманот на електрифицираните/електричните возила наспроти останатите. Секоја група предизвици е во тесна меѓузависност со останатите. Од овие три групи предизвици, веројатно најголемо и најсилно влијание врз другите има третманот на електрифицираните/електричните возила наспроти останатите, надополнет со третманот на половните возила наспроти новите.

Кој електричен модел на Volkswagen групацијата (од VW, Seat, Audi и Skoda) очекувате да биде интересен за нашиот пазар?

ЗМ: Во прво време не сметаме на големи бројки и удели на електричните возила. Објективните услови тоа едноставно не го овозможуваат. Но, гледаме потенцијал за VW ID.3, Skoda Enyaq, Audi e-tron и Porsche Taycan, и тоа во прифатлив сооднос со нивните најблиски моделски роднини. Секако, потенцијал постои и за другите актуелни и најавени модели од Групацијата, но конкретниот интерес за посочените модели особено дава надеж дека и ние, сепак, можеме да фатиме чекор со актуелните трендови, повеќе порано отколку подоцна.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: ВО чест на 50 години Golf - GTI Clubsport има 300 коњски сили!

Кои се примарните предности кои треба да се потенцираат пред купувачите кога се промовира електрично (или електрифицирано) возило?

ЗМ: Електричното возило нуди незаменливо и незаборавно чувство при возење. Отсуството на бучава и вибрации од моторот, чувството на рафинираност и моменталната достапност на максималниот вртежен момент во секоја ситуација се искуство што треба да се доживее, со дополнително објаснување ова искуство не може ни приближно да се долови со зборови.

Токму супериорните возни својства на електричните автомобили се нивната носечка конкурентска предност. Сознанието дека супериорните возни својства се на располагање со нулта емисија на штетни гасови при употребата и/или со намалени или елиминирани трошоци за обезбедување на енергија е кулминација на веќе исклучително севкупно корисничко искуство. Електрифицираните возила на еден или друг начин претставуваат компромис меѓу подобрените возни својства и намалената потреба од менување на навиките при употреба (или неможноста во реалното опкружување да се опслужи електричниот автомобил на начин диктиран од навиките на возење). Тест возењето отсекогаш бил и ќе остане најсилниот адут во рацете на продавачите на (добри) автомобили. Од тие, причини повеќе пати до сега поддржавме и организиравме настани за практично запознавање со електричните автомобили. Планираме така да продолжиме и во иднина.

Со оглед на широката гама на продукти, какви промени и инвестиции прави Порше Македонија за целосно да ги опслужи ваквите возила кои доаѓаат?

ЗМ: Електричните возила и нивната зголемена продажба подразбираат и подготвеност на дилерските центри за нивно навремено и ефикасно опслужување – и пред и по продажбата. Нашата дилерска мрежа е во завршна фаза на подготовка. Поставуваме полначи за електрични возила и ги обезбедуваме потребните стандарди пропишани од производителите. Како најблизок пример, Порше Скопје направи сериозни инвестиции за зголемување на приклучниот енергетски капацитет и е во напредна фаза на поставување инфраструктура за полнење, вклучително и супербрзи полначи со можност за складирање на резервна енергија. Повеќе информации на оваа тема наскоро…

Поврзано:  Новиот Volkswagen Tiguan пристигна во Македонија!

Порше Македонија веќе испорача неколку електрични возила на неколку флотни купувачи – какви се нивните искуства, но и вашите искуства со овие возила?

ЗМ: Би одговориле вака: секој што еднаш купил електрично возило, купил повторно. И повеќе. Ваквата пракса доволно зборува за искуствата на корисниците, за нас најважниот показател за остварувањето на нашата главна цел: Постигнување потполно задоволство на клиентите. Веројатно најдобриот одговор за искуствата на корисниците на електрични возила истовремено е и најдобриот демант за скептиците во врска со новата технологија – испорачаните електрични возила се покажаа како целосно имуни на дефекти. Така што, на честото прашање: А што по неколку години од купувањето на електричното возило, кога ќе почне да се расипува – одговорот би бил: Исто како и во првиот момент по испораката – целосно и максимално уживање во возилото и неговите предности.

Какви се Вашите предвидувања во однос на прифаќањето на електрифицираните возила на нашиот пазар? Како реагираат клиентите на електричните и плаг-ин хибридните автомобили?

ЗМ: На убаво секој се навикнува. Дури и ако тоа значи делумно менување на стекнатите навики. Во нашата средина прифаќањето на електрифицираните возила очекувано оди побавно отколку во ЕУ, но постои и ќе се зголемува. Имаме многу солиден удел на плаг-ин хибриди во вкупниот волумен на испорачани возила од унапредениот Passat, безмалку 30 %.

ЗМ: Ако беше предизвик овој удел да се постигне, уште поголем предизвик ќе биде да се задоволи интересот на пазарот за овој концепт по добивањето конкретен фидбек од сопствениците и по промената на даночниот систем од 1.1.2020, кога се воведе сериозно финансиско оптоварување на плаг-ин хибридите, различно од претходното законско решение. Резимирано, клиентите – сопственици и на електрични и на електрифицирани, конкретно плаг-ин хибридни возила – едноставно не планираат да се вратат на погонски концепти од минатото.

Поврзано:  Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

Porsche Destination Charging мрежата е веќе во нашата земја – дали можеме да очекуваме зголемување на оваа мрежа, но и некакви дополнителни инфраструктурни подобрувања?

ЗМ: Со големо задоволство можеме да кажеме дека мрежата Porsche Destination Charging е еден од неколкуте светли практични примери за промовирање на електромобилноста кај нас. Поставувањето на мрежата од самиот почеток се одвиваше со целосна вклученост на Порше Македонија, проширувањето исто така. И покрај тоа што во моментот потребите од Porsche Destination Charging ги сметаме за задоволени, синоним за Порше Македонија е процесот на континуирано подобрување. Секаде каде што ќе согледаме потенцијал, извесно е дека ќе се вклучиме со јасна цел – дополнително подобрување. Мрежата Porsche Destination Charging е една од можните области. Кога ќе се случи тоа, не зависи само од нас – но подготвени сме да дадеме поддршка.

Субвенционирањето на електрифицираните и електричните возила е тренд ширум Европа – кај нас имаат соодветни даночни олеснувања, но што друго би можеле да направиме за да го забрзаме прифаќањето на овие возила на нашиот пазар?

ЗМ: Треба сите во своите домени да ги промовираме главните предности на електричните возила, независно од постоењето или обемот на олеснувањата за нивно купување. Поддршките се добредојдени и пожелни, но не се вечни и не можат да го надоместат отсуството на квалитетни информации за електричните возила.

За побрзо да ги прифатиме електричните возила, пред се е потребно добро да ги запознаеме и да се ослободиме од предрасудите наметнати од воспоставените навики. Што подобро ги запознаеме електричните возила, неизбежно е да ги засакаме. Останатото е лесно.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.