Германската Асоцијација на Автомобилската Индустрија објави извештај во кој ги истакнува разликите во продажба на нови возила помеѓу 2020та и претходната година.
Продажбата на нови возила во 2020та на сите поголеми маркети била значително намалена во споредба со 2019та година, како последица на пандемијата од корона вирусот.
Сепак, од сите маркети најмалку погоден бил пазарот во Кина, каде продажбата опаднала за само 6% на малку под 20 милиони возила. Продажбата на автомобили во Русија и Јапонија се намалила за 10%, додека пак во САД и Индија биле регистрирани 17% помалку нови автомобили.
Најголем пад на продажбата бил забележан во Бразил со 27% помалку нови возила, додека пак ситуацијата во Европа била за нијанса подобра со регистрирани 24% помалку автомобили.
Продажбата на нови сериски возила на најголемите пазари во светот била за 15% помала во 2020та во споредба со 2019та година. Вкупната бројка на продадени возила од 56 милиони примероци е најлошата бројка регистрирана во последниве години.
Најголемиот пазар во Европа – Германија забележал намалување на продажбата за помалку од 20%. Ситуацијата во Франција била 25.5% влошена, додека пак Велика Британија имала 29.4% помалку продадени возила од 2019 година. Најмалку загуби во 2020 биле забележани во Норвешка, која е единствена земја каде продажбите биле намалени за само 0.7%.
Според Германската Асоцијација на Автомобилската Индустрија, се очекува продажбата на нови возила да порасне за околу 12% во текот на 2021 година.