Јапонската тјунинг компанија TOM’S Racing претстави цел пакет со надградби за екстериерот и ентериерот на спортската изведба на Toyota Yaris со погон на сите тркала.
Пакетот содржи бодикит со поагресивен изглед, кој доаѓа со нов преден браник со подобар проток на воздух кон интеркулерот и сопирачките, а исто така има интегриран спојлер и подлабок сплитер.
На задниот дел се наоѓа поголем дифузер со централна издувна цевка, како и отвори за воздух на надворешните рабови од задниот браник. Промените на екстериерот продолжуваат со редизајнирани странични прагови и голем кровен спојлер.
Стандардната висина на GR Yaris е намалена со помош на нови пружини и прилагодливи амортизери Luck Elsport V1-DFA. Фабричките 18-инчни фелни се исто така заменети со Rays G025 фелни обвиени во Dunlop Sport Maxx 050+ пневматици. TOM’S исто така го надградиле и системот за сопирање со Endless Mono 6 Rally сопирачки со шест клипови.
Од ентериерот се отстранети речиси сите непотребни елементи со цел да се намали тежината. Стандардните предни седишта се заменети со лесни Recaro RMS 2600As, кои тежат само 4.4 кг по примерок, а фабричките панели на вратите се заменети за карбонски капаци. Не е објавена конечната тежина на возилото, но сигурно е дека овие промени се значително подобрување на веќе ниската стандардна тежина од 1280 килограми.
TOM’S не објави надградби за зголемување на силата на моторот, но се очекува наскоро да претстави тјунинг пакет за зголемување на стандардните 257 кс.