Германската тјунинг компанија ги подобри перформансите на првиот специјален модел на брендот Cupra.
Cupra го претстави моделот Formentor минатата година, како надополнување на гамата која ги вклучува моделите Ateca и Leon. Исто како и за многу други модели од групацијата Volkswagen, Abt Sportsline подготви пакет со механички и естетски надградби за кросоверот.
Formentor во стандардно издание произведува 306 кс и 400 Nm вртежен момент, но благодарение на измени во компјутерската единица, Abt извлекле дополнителни 59 кс и 50 Nm.
Ова ја зголемува силата на 2.0-литарскиот четири-цилиндарски турбо бензински агрегат на 365 кс и 450 Nm, и го намалува времето за забрзување од 0-100 км/ч на 4.6 секунди, што е за три десетинки од секунда побрзо од фабричкиот модел.
Покрај тоа, на сопствениците на Cupra Formentor ќе им бидат понудени сет од нови тркала во различни големини, дизајни и бои. 20-инните Abt Sport GR фелни (прикажани на фотграфиите) се достапни во сребрена или црна боја, но има опција и за 19-инчни тркала.
Останатите опции кои ќе бидат понудени се нов издувен систем од не’рѓосувачки челик, кој го засилува звукот и го подобрува изгледот со неговите поголеми издувни цевки. За подобро држење на патот тука е нова Abt суспензија, која ја намалува висината на возење до 35 милиметри.