Британскиот What Car Магазин ги додели автомобилските награди за 2021, а новиот Fiat 500 освои две титули.
На What Car наградите за автомобил на годината за 2021, новиот Fiat 500 освои две титули – наградата за Кабриолет на Годината, како и Најдобар Електричен Градски Автомобил на Годината. Жирито од What Car ги пофали автономијата, кабината и уживањето во возењето.
Инаку, вреди да се напомене дека само два месеци по лансирањето, новиот електричен Fiat 500 е веќе продаден во повеќе од 10.000 примероци ширум Европа, а во Декември беше најпродаван електричен автомобил на домашниот, италијански пазар.
Новиот Fiat 500 е првиот целосно-електричен модел на FCA и може да се пофали со врвни перформанси и функционалности. Батеријата со капацитет од 42 kWh овозможува автономија од 320 километри според WLTP циклусот, односно дури 450 километри во урбано возење. Со доволно брз полнач, 50 километри автономија се добиваат за само 5 минути полнење, а батеријата може да се наполни до 80% за само 35 минути. Во комбинација со електромоторот кој испорачува 118 коњски сили, електричниот Fiat 500 може да постигне максимални 150 километри на час, како и да забрза „до стотка“ за рамно 9 секунди – но уште поважно за урбаниот гран при, забрзува до 50 километри на час за само 5.1 секунда.
Се надеваме дека набргу ќе пристигне и кај нас!