Во салонот на Еуроимпекс веќе пристигна неодамна-освежениот француски SUV – новиот Peugeot 3008.
Како што веќе пишувавме, со неодамнешното освежување на 3008 и 5008, Peugeot сака уште повеќе да ги приближи своите бест-селери до купувачите. Досега Peugeot 3008 е продаден во нешто повеќе од 800.000 примероци, па Peugeot сака да го продолжи овој тренд.
Jean-Philippe Imparato – претседателот на Peugeot – кажува дека освежувањето е базирано на три столбови – стил, подобрување на кабината и уште повеќе технологии, како и освежени, почисти и помоќни погонски конфигурации.
Стилот е препознатлив преку затегнатиот дизајн. Предните светла се заострени и се прелеваат во маската на ладилникот, а дневните светла се понагласени и уште подинамични. Предните и задните светла користат Full LED технологија и динамични трепкачи, а задните светлосни групи се редизајнирани за уште повеќе да го истакнуваат елементот на лавја канџа.
Кабината на двата 3008 модели добива нови материјали и нови бои, како и грст нови технологии. Меѓу другото, тука е и најновата генерација на i-Cockpit системот, но тука се и нови технологии за полу-автономно возење и безбедност. Секако – не е заборавено ниту на уживањето во патувањето – па можете да добиете уште подобри системи за масажа во седиштата, или пак аудио систем од Focal со 10 звучници.
Освежениот 3008 можете да го добиете со еден од неколкуте турбо-бензински, турбодизел и хибридни погони. Понудата на бензинците започнува со 1.2-литарскиот PureTech со 130 коњски сили, а над него е 1.6-литарскиот PureTech со 180 коњски сили. Основниот бензинец може да се добие со мануелен или автоматски менувач, додека помоќниот е достапен само со одличниот ЕАТ8 автоматски менувач. Доколку сакате турбодизел, 3008 можете да го добиете 1.5-литарскиот BlueHDI со 130 коњски сили во комбинација со мануелен или автоматски менувач.
И конечно – бидејќи Peugeot инвестира многу во електрификацијата – тука се и одличните плаг-ин хибридни изведби. Можете да добиете 3008 HYbrid со 225 коњски сили и погон на предните тркала, или пак 3008 HYbrid4 со 300 коњски сили и погон на сите четири тркала. Обете верзии користат 1.6-литарски турбо-бензинец, но во првата конфигурација тој испорачува 180, а во втората 200 коњски сили.
Двете верзии можат да поминат скоро 60 километри на електрична енергија со полни батерии – а ние веќе имавме можност да го запознаеме плаг-ин хибридниот 3008 на неговата официјална презентација на почетокот на минатата година.